Европа да забави со ВИ-центрите, предупредува советник на ОН

Центрите за податоци стануваат сè поважни воени цели, а Европа треба да ја забави изградбата на нови капацитети за вештачка интелигенција додека не обезбеди соодветна заштита на инфраструктурата. На ова предупредува Мехди Паријави, советник на Обединетите нации и основач на Меѓународната управа за центри за податоци (IDCA), во интервју за „Еуроњуз“.

Според Паријави, неодамнешните напади врз центри за податоци во Украина, Русија и на Блискиот Исток покажуваат дека дигиталната инфраструктура станала стратешка цел во современите воени конфликти. Уништувањето на ваквите објекти може да предизвика сериозни нарушувања во функционирањето на економијата, банките, болниците и државните институции.

Русија во изминатиот период нападнала центри за податоци во Киев, додека украинските беспилотни летала погодиле повеќе слични објекти во Русија. Киев ги оправдува нападите како дел од операциите против инфраструктурата што обезбедува приходи за финансирање на руската воена машинерија.

„Ако погодите доволно важни цели, можете да ја урнете целата економија“, предупредува Паријави.

Тој објаснува дека со забрзаната дигитализација на општествата, центрите за податоци веќе не се само технолошки објекти, туку инфраструктура од која директно зависат здравството, финансиските институции, комуникациите и воените системи.

Нивното значење дополнително се зголемува со развојот на вештачката интелигенција, која бара огромна компјутерска моќ, специјализирани процесори и значителни количества електрична енергија.

Паријави смета дека досегашниот пристап кон изградбата на центри за податоци повеќе не е доволен. Изборот на локација и ограничувањето на информациите за нивното поставување не можат да гарантираат заштита од современите ракетни и беспилотни напади.

Како можни решенија ги наведува изградбата на подземни центри, заштитени бункери и системи за противвоздушна одбрана околу најважните дигитални капацитети.

„Времињата кога центрите за податоци можеа да се градат на произволни локации завршија“, оценува тој.

Предупредувањето доаѓа во период кога Европската Унија планира големи инвестиции во развојот на сопствената инфраструктура за вештачка интелигенција.

Европската комисија веќе отвори повик за изградба на најмногу седум големи центри за вештачка интелигенција, познати како ВИ-гигафабрики. Тие треба да обезбедат компјутерски капацитети за развој и обучување напредни модели на вештачка интелигенција и да ја намалат технолошката зависност на Европа од САД и другите глобални конкуренти.

Иницијативата, претставена во јули годинава, треба да поттикне инвестиции од над 30 милијарди евра, со финансиска поддршка од европските институции, земјите членки и приватниот сектор.

Од Европската комисија за „Еуроњуз“ потврдиле дека повикот е отворен до 12 ноември, по што ќе следуваат оценување на понудите и одлуки за избор на проектите. Комисијата, сепак, не одговорила конкретно дали воените напади врз вакви објекти ќе влијаат врз европските планови.

Според Паријави, штетите од уништување на голем центар за податоци можат да бидат огромни, бидејќи изградбата на еден објект може да чини и до 25 милијарди долари и да трае до три години.

Тој предупредува дека Европа не може да си дозволи да вложи стотици милијарди долари во инфраструктура која би можела да биде уништена со воен напад.

Затоа предлага европските земји да ја координираат изградбата и заштитата на дигиталната инфраструктура, наместо секоја држава самостојно да развива големи капацитети на различни локации.

Една од можностите што ги предлага е концентрирање на центрите за податоци во заеднички дигитални зони, каде што би можело поефикасно да се организира нивната противвоздушна заштита.

Покрај безбедносните ризици, експертот предупредува и на недостиг од електрична енергија и квалификувани работници, што дополнително го отежнува брзиот развој на европската инфраструктура за вештачка интелигенција.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?