Речиси секое трето дете во Македонија е во ризик од сиромаштија

генерациите

Речиси 120.000 деца во Македонија, односно 29,5 отсто од децата до 17 години, се изложени на ризик од сиромаштија, покажуваат податоците на УНИЦЕФ и Државниот завод за статистика за 2024 година. Загрижувачките бројки повторно го отвораат прашањето за животниот стандард и социјалната заштита, на денешниот 17 Октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата.

Според официјалните статистички податоци, вкупната стапка на ризик од сиромаштија во Македонија изнесува 21,9 отсто, што значи дека повеќе од секој петти граѓанин располага со приходи под утврдениот праг на сиромаштија.

Состојбата е особено неповолна кај децата, самохраните родители и многучлените семејства. Кај домаќинствата со еден родител и издржувани деца, стапката на ризик од сиромаштија достигнува 45,8 отсто, додека кај семејствата со двајца возрасни и три или повеќе деца таа изнесува 54,8 отсто.

Кај невработените лица стапката изнесува 45,7 отсто, додека кај вработените е 7,9 отсто, а кај пензионерите 12 отсто.

Податоците покажуваат и колку е значајна улогата на државната социјална заштита. Доколку од пресметките се исклучат пензиите и социјалните трансфери, стапката на ризик од сиромаштија би достигнала 39,4 отсто.

Во анализа објавена во мај годинава, УНИЦЕФ предупреди дека, и покрај реформите на системот за социјална заштита од 2019 година, детската сиромаштија останува на високо ниво, без трајно подобрување.

Според организацијата, зголемените животни трошоци, ограничениот опфат на паричната помош и недоволната поддршка за семејствата со деца го намалуваат ефектот на постојните социјални мерки.

УНИЦЕФ предлага проширување на детските надоместоци и подобро насочување на финансиската поддршка кон најранливите домаќинства.

Во меѓувреме, Обединетите нации предупредуваат дека сиромаштијата станува сè потесно поврзана со глобалната станбена криза.

Според процените на ОН, во 2026 година околу 826 милиони луѓе во светот живеат во екстремна сиромаштија, со помалку од три долари дневно, пресметано според меѓународниот праг на сиромаштија.

Дополнително, повеќе од 2,8 милијарди луѓе живеат во несоодветни станбени услови или се соочуваат со станбена несигурност. Над една милијарда живеат во неформални населби и сиромашни квартови, додека повеќе од 300 милиони луѓе немаат дом.

Годинашното одбележување на Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата е посветено на правото на безбедно и достоинствено домување, како еден од основните предуслови за социјална сигурност.

Обединетите нации предупредуваат дека несоодветните станбени услови директно влијаат врз здравјето, образованието и економските можности, особено кај децата и семејствата со ниски приходи.

Според УНИЦЕФ, сиромаштијата во детството има долгорочни последици, бидејќи го ограничува пристапот до квалитетно образование, здравствена заштита и услови за нормален развој.

Податоците за Македонија покажуваат дека ризикот од сиромаштија кај децата останува значително повисок од националниот просек, што ја нагласува потребата од поефикасна социјална заштита и мерки насочени кон семејствата со најниски приходи.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?