Американскиот министер за финансии Скот Бесент му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски да биде претпазлив со изјавите, откако Киев го обвини Вашингтон за намерно забавување на сателитската мрежа Старлинк за потребите на украинската армија.
Гостувајќи во емисијата „Meet the Press“ на телевизијата Ен-би-си, Бесент ги оцени тврдењата на украинскиот лидер како непромислени и ги отфрли наводите дека американските власти влијаеле врз комуникацискиот систем на фронтот.
Американскиот министер нагласи дека претседателот Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио категорично потврдиле оти никој во американската администрација не стои зад таква одлука.
Реакцијата на Вашингтон следува по претходната изјава на Зеленски, кој наведе дека во Киев веруваат оти пораката за ограничување на брзината на Старлинк стигнала директно од американската влада, повикувајќи се на проценки од украинските генерали.
Запрашан за тврдењата од Киев дека САД привремено ја запреле и размената на разузнавачки податоци, Бесент одговори дека нема такви информации, повторувајќи дека Зеленски треба да биде многу внимателен при изнесување тврдења кои, според него, не се вистинити.

