Демонстранти запалија дел од надворешноста на општинската зграда во Курбин, објави „Балканвеб“, додека протестите со барање за оставка на премиерот Еди Рама продолжуваат седми ден во Албанија. Според медиумот, кон зградата биле фрлани молотови коктели.
Во Тирана демонстрантите повторно почнаа да се собираат на плоштадот „Скендербег“. Протестни маршеви и делумен бојкот на наставата се одржуваат и во Лежа, Валона, Елбасан и Скадар, каде што дел од средношколците и студентите излегоа на улица со барања за оставка на владата.
Рама утрово најави по 2.500 евра за секој полицаец ангажиран во справувањето со насилството и заштитата на институциите. На средбата со полициското раководство тој најави и значително зголемување на полициските плати од 1 јануари, со новиот буџет.
Премиерот истовремено се закани со укинување на стипендиите и државната финансиска поддршка за студентите што учествуваат во насилство врз полицијата. Изјави дека е подготвен за дијалог со младите, но ги исклучи лицата што користат насилство и политичките партии што не се оградуваат од него.
Според министерот за внатрешни работи Ервин Демо, во претходните шест дена биле повредени 295 лица, меѓу кои полицајци, демонстранти и новинари. Претседавачот на делегацијата на Европскиот парламент за Албанија и известувачот за земјата ги осудија нападите врз институциите и уништувањето имот, но побараа и истрага за пријавите за прекумерна употреба на сила од полицијата.

