Жените во перименопауза ќе можат да добијат советување со гинеколог и матичен лекар во новото советувалиште на ХЕРА во Младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно. Советувалиштето се отвора денеска, а редовните термини почнуваат на 21 октомври.
Новата услуга ќе овозможи проценка на симптомите и потребите на жените, проверени информации и индивидуални насоки за понатамошна здравствена грижа, соопшти ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.
„Важно е жените да знаат дека постојат начини за ублажување на симптомите и дека заслужуваат да бидат сослушани, информирани и соодветно поддржани“, вели прим. д-р Искра Дукова, гинеколог вклучена во работата на советувалиштето.
Отворањето следува по изработката на Водичот за перименопауза, кој ХЕРА и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари го подготвија во 2025 година. Според организацијата, водичот е заснован на медицински докази и содржи насоки за препознавање на промените и за соодветна грижа во овој период.
За информации и закажување термин, заинтересираните можат да се јават на 070 227 386 или да го користат онлајн-системот за закажување на ХЕРА.

