Сплитско-далматинската полиција утврди основано сомнение против 23 лица за јавно поттикнување насилство и омраза по нацистичките и антисемитските скандирања во навивачката поворка пред натпреварот Хајдук – Ајакс на 15 октомври.
Според последните полициски информации, шестмина осомничени се наоѓаат во истражен затвор, едно лице синоќа било предадено на притворскиот надзорник, а против уште едно се спроведува криминалистичка истрага. Полицијата потврди дека утрово е уапсен уште еден од навивачите по кои трагала.
Случајот се однесува на организираното движење на дел од навивачите на „Торцида“ низ улиците на Сплит кон стадионот „Пољуд“. Полицијата се сомнева дека учесници во поворката извикувале пораки насочени против Евреите и го величале нацизмот.
Во рамките на истрагата беа објавени и фотографии од лица чиј идентитет и учество во настанот се утврдуваат.
Меѓу лицата по кои се трагаше е и поранешниот секретар на „Торцида“, Стипе Лекиќ. Според хрватските медиуми, тој во неделата доцна вечерта самиот се пријавил кај истражните органи, заедно со уште еден навивач.
Полицијата соопшти дека истрагата продолжува. Бројката од 23 лица се однесува на осомничени опфатени со случајот, а не на 23 лица што се наоѓаат во притвор.

