Жителите на канадската провинција Алберта на историски референдум убедливо го отфрлија предлогот за отцепување и одлучија да останат дел од Канада. Според првичните проекции на канадскиот јавен сервис Си-би-си по преброени 33 отсто од гласовите, 76 проценти од гласачите го поддржаа останувањето во канадската федерација. Предлогот за започнување процес кон обврзувачки референдум за независност доби поддршка од 23 отсто од граѓаните.
Овој референдум имаше советодавен карактер и претставуваше прво вакво изјаснување во историјата на оваа западна канадска провинција.
Резултатот носи олеснување за канадскиот премиер Марк Карни, кој води кампања за зачувување на националното единство во период на заострени трговски односи со САД.
„Граѓаните на Алберта направија јасен избор. Избраа единство, заедничка изградба и грижа едни за други. Канада е поголема од збирот на нејзините делови“, порача премиерот Карни во пишана изјава по објавувањето на првите резултати.
Премиерката на Алберта, Даниел Смит, која во мај го распиша референдумот со образложение дека е време да се слушне волјата на народот и да се затвори ова прашање, изрази задоволство од силната поддршка за останување во федерацијата. Таа најави дека денеска подетално ќе се обрати до јавноста за идните чекори на покраината.
Гласањето следи по повеќемесечна кампања на сепаратистичките движења во Алберта, кои тврдеа дека приходите од енергетските ресурси на провинцијата преку федералниот систем субвенционираат посиромашни региони во Канада.
Силно противење на иницијативата за независност изразија и домородните заедници, потсетувајќи дека нивните договори за управување со земјиштето со Отава се потпишани пред формирањето на самата провинција. Одѕивот на гласачите меѓу припадниците на овие народи беше висок, а дел од избирачките места останаа отворени подолго од предвиденото поради зголемен притисок на гласачи.
Покрај прашањето за статусот на Алберта, граѓаните на овој референдум одговараа на уште девет советодавни прашања поврзани со имиграцијата, здравството, образованието и изборните правила.

