Црна Гора под притисок од ЕУ изгласа уставни промени

Црногорскиот парламент со 56 гласа го поддржа предлогот за уставни измени неопходни за напредок во преговорите со Европската Унија. Одлуката беше донесена ноќта кон 20 октомври, откако висок претставник на ЕУ предупреди дека ново одложување може да ја загрози европската иднина на Црна Гора и планот преговорите да завршат до крајот на 2026 година.

Пред гласањето, европски функционер за подгорички „Вијести“ изјави дека поддршката од европските институции и земјите членки не е безусловна и не може да трае неограничено.

„Понатамошните одложувања би ја довеле во прашање европската иднина на Црна Гора“, предупреди функционерот, нагласувајќи дека станува збор за прашање што ги надминува партиските поделби.

Тој порача дека секој пратеник треба самостојно да одлучува, водејќи се од долгорочните интереси на граѓаните, а не од политичките несогласувања.

Клучното гласање се однесуваше на предлогот за промена на Уставот со кој се предвидува задолжителна проверка на интегритетот на кандидатите за премиер и членови на Владата.

Предложените измени треба да овозможат лица што не ги исполнуваат законските критериуми за интегритет да не можат да бидат предложени за највисоките извршни функции.

По повеќечасовни разговори меѓу власта, опозицијата и претставниците на малцинските партии, беше постигнат компромис за начинот на донесување на законот што ќе ја регулира проверката на интегритетот.

Прифатено е тој закон да се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, со што се предвидува поширока политичка согласност за правилата според кои ќе се проверуваат идните владини функционери.

За предлогот гласаа сите 56 присутни пратеници. Поддршката дојде од парламентарното мнозинство, независни пратеници, претставници на малцинските партии и дел од опозицијата.

Со ова е одобрен почетниот чекор во постапката за измена на Уставот, но не и целосно завршување на уставните промени. Уставниот одбор има рок од четири дена да го подготви нацртот на амандманите и да го достави до парламентот, по што следуваат дополнителни постапки.

Европскиот амбасадор во Подгорица, Јохан Сатлер, денеска ја поздрави одлуката, оценувајќи дека пратениците покажале одговорност и подготвеност за компромис во еден од последните чекори од пристапните преговори.

Сепак, парламентот не успеа да ги избере двајцата предложени членови на Судскиот совет. Кандидатите Дарко Хајдуковиќ и Клаудија Пејовиќ не го добија потребното мнозинство, а ново гласање е најавено за еден месец.

Пополнувањето на Судскиот совет, усвојувањето на преостанатите уставни измени и воспоставувањето на Централната изборна комисија се меѓу обврските што Европската Унија ги смета за неопходни за завршување на преговорите.

Поглавјето 23, кое се однесува на правосудството и основните права, останува особено важно за оценката на напредокот на Црна Гора во владеењето на правото.

Минатата недела Црна Гора привремено затвори уште три преговарачки поглавја, со што вкупниот број достигна 21 од 33 поглавја.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?