Радески: Брвеница ми е во срцето, борбата продолжува

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Брвеница, Јовица Радески, им се заблагодари на граѓаните за поддршката на предвремените локални избори и најави продолжување на политичкиот ангажман. Тој тврди дека поддршката за СДСМ расте, а за ВМРО-ДПМНЕ се намалува, додека истовремено побара истрага за предвремено објавените резултати од гласањето на болните и изнемоштените лица.

Радески оцени дека изборниот резултат не е задоволителен, но дека споредбата со претходните избори покажува зголемена поддршка за опозицијата.

Според неговите пресметки, СДСМ бележи раст од 46 проценти во споредба со изборите во 2025 година, додека ВМРО-ДПМНЕ има пад од повеќе од 13 проценти. Тој тврди дека намалувањето на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ е уште поголемо ако се земат предвид гласовите од ЗНАМ и Левица, за кои смета дека овојпат се прелеале кон кандидатот на владејачката партија.

Според првичните официјални резултати на Државната изборна комисија, Радески освои 707 гласа, односно 9,34 проценти, и заврши на четвртото место во првиот круг.

Тој упати критики и кон претставници на платформата ЗНАМ 2.0, обвинувајќи ги дека работеле против него и СДСМ, а дел од нив повикувале и на неизлегување на изборите.

„Другари, требаше да дојдете и да помогнете. А не сега да кажувате за Брвеница. Размислете каква штета правите. Или молчете или помогнете, доста одмагате“, порача Радески.

Посебно се осврна на објавувањето на резултатите од гласањето на болните и изнемоштените лица, за кои тврди дека биле јавно објавени пред официјалното отворање на гласачките кутии.

Радески побара истрага за да се утврди кој имал пристап до гласачките ливчиња, кој ги преброил гласовите и како информациите стигнале во јавноста пред изборната комисија официјално да ги обработи.

Овие сомневања претходно ги изнесе и СДСМ, но засега нема институционално утврдена одговорност за наводните неправилности.

Радески оцени дека изборите во Брвеница покажале дека СДСМ останува главната опозициска сила, иако неговиот кандидат не се пласираше во вториот круг.

„Брвеница ми е во срцето и јас ќе продолжам заедно со вас да се борам за нашата општина, за секое населено место, за секој човек“, порача Радески.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?