Пораз на Јотова може да ја разниша владата на Радев

фото: zonanews.bg

Претседателските избори во Бугарија би можеле да предизвикаат и владина криза. По неочекувано тесната разлика меѓу Илијана Јотова и Андреј Ѓуров во првиот круг, бугарските аналитичари предупредуваат дека евентуален пораз на Јотова на 1 ноември може сериозно да ја разниша владата на премиерот Румен Радев.

Според податоците на бугарската Централна изборна комисија, при 99,94 проценти обработени записници, Јотова освоила 34,76 проценти од гласовите, додека Ѓуров добил 31,95 проценти. Разликата од помалку од три процентни поени ја прави трката за претседателската функција значително понеизвесна од првичните очекувања.

Социологот Прван Симеонов од агенцијата „Мјара“ оценува дека шансите на двајцата кандидати во вториот круг се практично изедначени, а политичката атмосфера во моментов повеќе му оди во прилог на Ѓуров.

Според него, евентуалниот пораз на Јотова нема да биде само неуспех на претседателските избори, туку и директна политичка оценка за Радев.

„Ако сега загубат во вториот круг, тоа веќе ќе биде оценка за Румен Радев. Очигледно е дека треба многу поактивно да се вклучи, бидејќи при еден таков пораз многумина ќе речат: Сега и владата да си оди“, предупреди Симеонов во изјава за бугарската телевизија НОВА.

Аналитичарите сметаат дека еден од главните проблеми за владејачката формација е слабата мобилизација на гласачите. Политикологот Димитар Ганев од истражувачкиот центар „Тренд“ посочува дека партијата на Радев сè уште нема доволно развиена организациска мрежа на локално ниво, што особено се почувствувало при рекордно ниската излезност.

Од друга страна, Ѓуров успеал да ја мобилизира демократската гласачка база и да привлече дел од симпатизерите на ГЕРБ, што му дава дополнителен простор за зголемување на поддршката во вториот круг.

Радев денеска ја поздрави победата на Јотова во првиот круг, но призна дека ниската излезност е загрижувачки сигнал. Тој оцени дека дел од гласачите останале дома поради уверувањето дека победата е однапред обезбедена.

Премиерот истовремено ја заостри политичката реторика, претставувајќи го вториот круг како избор меѓу мирот и војната, но и меѓу демократијата и корупцијата.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 1 ноември. Иако Јотова влегува со предност, конечниот исход ќе зависи од мобилизацијата на гласачите и од тоа кому ќе му припадне поддршката на кандидатите што отпаднаа во првиот круг.

Така, изборите за претседател на Бугарија прераснуваат во поширока политичка пресметка. За Радев, победата на Јотова би значела потврда на неговото политичко влијание, додека нејзиниот пораз би можел да ја охрабри опозицијата да побара оставка на владата и нови парламентарни избори.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?