Центар ја удвои помошта за пензионерите во социјален ризик на 5.000 денари

Општина Центар ја зголеми еднократната помош за пензионерите во социјален ризик од 2.500 на 5.000 денари. Јавниот повик е отворен од денеска, а право на пријавување имаат жители на општината со пензија или надоместок за социјална сигурност за стари лица до 28.050 денари месечно.

Помошта е наменета за приматели на старосна, семејна или инвалидска пензија и за корисници на правото на социјална сигурност за стари лица. Општината обезбедила седум милиони денари, а барањата ќе се разгледуваат според редоследот на пристигнување, до исцрпување на средствата.

Градоначалникот Горан Герасимовски изјави дека со зголемувањето го исполнува предизборното ветување за удвојување на помошта за пензионерите.

За пријавување се потребни пополнето барање, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и доказ за примена пензија за јули или август годинава, односно чек или потврда од банка. Корисниците на социјална сигурност за стари лица треба да приложат потврда или решение од ЦСР Центар.

Образецот е достапен во општинската архива и на веб-страницата на Општината. Документацијата се поднесува во писмена форма, секој работен ден од 8:30 до 13 часот, во барака 6, во салата на Советот. Барањата испратени по електронска пошта или по пошта нема да се разгледуваат. Одобрената помош ќе се исплаќа на трансакциската сметка на корисникот.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?