66.821 пријавени, 3.266 вакцинирани, голем интерес, бавно почетно темпо на вакцинација против грип

Речиси 67.000 граѓани се пријавиле за бесплатна вакцинација против сезонски грип, но досега се вакцинирани само 3.266 лица. Министерството за здравство најавува забрзување на вакцинацијата и пристигнување дополнителни 26.000 дози до 15 ноември, додека уште 30.000 вакцини се очекуваат до крајот на следниот месец. Министерот за здравство Сашо Клековски уверува дека вакцини ќе има за сите пријавени и ги повикува граѓаните да ги почекаат своите термини.

Според податоците објавени на 28 октомври, од почетокот на пријавувањето на 14 октомври досега се регистрирани 66.821 граѓанин, со просечно 4.455 нови пријави дневно.

Најголем интерес има кај лицата над 65 години и хронично болните. Најмногу пријавени има во Скопје, 19.767, потоа во Битола 4.845, Прилеп 3.844, Струмица 3.585 и Тетово 3.581.

Досега се закажани 6.710 термини, а вакцинирани се 3.266 граѓани. Во последните три работни дена вакцинацијата се одвивала со темпо од приближно 1.000 лица дневно.

Министерството најавува нова група закажувања, со цел дневниот број вакцинирани да се зголеми на околу 1.700, а потоа да достигне и до 2.000 лица.

КОГА ЌЕ ПРИСТИГНАТ НОВИТЕ 56.000 ВАКЦИНИ?

Првите 30.000 вакцини против сезонски грип веќе се пристигнати во земјава. На 28 октомври (вчера), Министерството склучи договор за дополнителни 26.000 дози од производителот „Санофи“, кои треба да бидат испорачани до 15 ноември.

Со тоа вкупната обезбедена и договорена количина достигнува 56.000 дози, но не сите се физички пристигнати.

Дополнително, најавени се уште 30.000 вакцини до крајот на ноември, со што планираното количество би достигнало 86.000 дози, приближно 19.000 повеќе од моменталниот број пријавени граѓани.

Сепак, овие количества не треба да се поистоветуваат со моменталните залихи, бидејќи дел од вакцините допрва треба да пристигнат.

Клековски уверува дека сите пријавени ќе добијат можност за вакцинација и нагласува дека најголемата активност на сезонскиот грип вообичаено се очекува во јануари и февруари.

КАКО ДА ДОБИЕТЕ ТЕРМИН И ШТО АКО НЕ МОЖЕТЕ ДА ДОЈДЕТЕ?

Бесплатната вакцинација е наменета за лицата над 65 години, хронично болните, бремените жени, здравствените работници и децата на возраст од шест месеци до пет години.

Пријавувањето се врши преку интернет-страницата vakcinacija.mk, по што граѓаните се регистрираат во системот „Мој термин“. Информацијата за датумот, часот и избраниот пункт за вакцинација ја добиваат преку СМС-порака.

Министерството предупредува и на проблем со неискористените термини. Од досега поминатите термини, 503 граѓани не се појавиле на закажаната вакцинација, што претставува 13,3 проценти.

Здравствените власти апелираат граѓаните што не можат да дојдат да го откажат терминот навреме, за тој да може да биде доделен на друго лице што чека.

Во меѓувреме, здравствените домови веќе започнаа вакцинација во домовите за стари лица, а од следната недела е најавено вакцинирање и во центрите за дијализа.

Иако Министерството уверува дека планираните количества ќе бидат доволни, останува прашањето колку брзо системот ќе успее да ги распредели термините за десетиците илјади пријавени граѓани и дали најавеното забрзување ќе се реализира во следните денови.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?