Мајка и син од радовишко се осомничени дека не пријавиле 579.015 евра добиени од Германија и избегнале плаќање данок. Според МВР, синот ги користел парите за бесправна градба и купување движен имот, прикривајќи го нивното потекло.
Парите пристигнувале на девизната сметка на 71-годишната А.Ј. од селото Коџалија, за која бил овластен нејзиниот 47-годишен син И.Ј. од Радовиш. Уплатите од физичко лице од Германија биле извршени во периодот од 29 октомври 2019 до 2 ноември 2021 година.
При контрола на Управата за јавни приходи бил утврден неплатен данок со камата од вкупно 3.182.066 денари, наведува полицијата.
ОВР Радовиш поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица. Мајката се сомничи за даночно затајување, а синот, покрај за ова дело, и за перење пари и бесправно градење.
