Европската Унија треба да применува исти критериуми за сите земји кандидати и да покаже дека членството на Западен Балкан е реална перспектива, порача словачкиот министер за надворешни и европски работи Јурај Бланар по денешната средба во Скопје со Тимчо Муцунски.
„Словачка Република е против какви било двојни стандарди во пристапувањето кон Европската Унија“, рече Бланар, потврдувајќи ја поддршката за европската интеграција на Македонија.
Тој предупреди дека без јасна перспектива за членство ќе расте разочарувањето кај земјите кандидати, а ЕУ ризикува да го изгуби влијанието во регионот. Во тој контекст ги спомена и Украина, Молдавија и Грузија, нагласувајќи дека не прифаќа различни мерила за различни држави.
Муцунски побара пристапниот процес да биде „кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги“, а напредокот да се оценува според исполнувањето на утврдените европски критериуми. Тој рече дека Владата останува посветена на реформите и спроведувањето на Реформската агенда.
Шефот на македонската дипломатија го информирал Бланар дека продолжува дијалогот со Бугарија и дека постои подготвеност за унапредување на билатералните односи. Истовремено, побарал забрзување на европската интеграција на целиот регион, вклучително и на Македонија.
Бланар ја оцени земјава како успешен пример во спроведувањето на Планот за раст. Според него, европската перспектива треба да биде придружена со конкретни реформски резултати.
На средбата се разговарало и за трговијата, инвестициите, образованието и културата. Словачкиот министер ја издвоил автомобилската индустрија како област со можности за поголема економска соработка, а најавил и меморандум за соработка во културата.

