Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, му најави на премиерот Христијан Мицкоски граѓански отпор и формирање жив ѕид доколку Владата ги почне постапките за отворање рудници. На денешната собраниска седница за пратенички прашања порача дека опозицијата ќе застане зад жителите што се противат на овие проекти.
„Ако ги почнете постапките ќе се соочите со сериозен отпор кај граѓаните“, рече Филипче во обраќањето до Мицкоски.
Тој додаде дека СДСМ ќе го води или ќе го поддржи отпорот, „а ако треба ќе направиме и жив ѕид“, на барање на граѓаните.
Филипче побара од премиерот да се изјасни дали ги поддржува проектите за Иловица-Штука, Казандол, рудник на Кожуф и ископ на антимон во Кривопаланечко. Според него, означувањето на рудниците во новиот просторен план покажува намера да се продолжи со нивното отворање.
Предупредувањето во Собранието следува два дена по средбата на Филипче со жителите на Босилово. На собирот на 27 октомври тој порача дека нема да дозволат отворање на рудникот Иловица-Штука и дека ќе се спротивстават и преку пратеничко дејствување и заедно со граѓаните.
Тогаш нагласи дека на средбата присуствуваат луѓе со различни политички определби, обединети од загриженоста поради најавите за рудникот.
Мицкоски во денешниот одговор рече дека поддржува ископ на антимон во околината на Крива Паланка. За другите рударски проекти се повика на наследените концесиски постапки, судски одлуки и арбитражи.

