Тетово може да се „пофали“ како град што често бил дел од листите на најзагадени градови. Локалните власти се менуваат, а за граѓаните непријатната миризба од чад и расфрлани отпадоци долго време се секојдневие. Во последниве години растат контролите од општинските инспекциски служби, но тоа како да нема видлив ефект во она што го гледаат и мирисаат тетовчани во секојдневието.
Авторки: Маја Перовска* и Тамара Савоска**
Елизабета Тушева Јовановска често е фрустрирана кога излегува на прошетка со своите деца по тетовските улици. Гледаат отпадоци на секој чекор, ѓубре оставено покрај контејнерите и лоши еколошки навики кај своите сограѓани. Но, покрај она што нивните детски очи можат да го видат, сега, кога почнува да заладува, особено ја загрижува она што не се гледа. Она што тие го вдишуваат.
„Им се јавува хронична кашлица во зимските месеци што тешко се лекува. Од загадениот воздух децата нема како да ги заштитам, освен да не ги пуштам надвор и да ги носам постојано на планина, а тоа е невозможно“, додава таа.
Како поранешна новинарка таа се труди внимателно да ги следи медиумите и да биде информирана, особено за еколошките теми. Но, признава, процесот за еколошки пријави или резултатите од таквите пријави не ѝ се познати.
„Улици полни со ѓубре. Луѓе фрлаат отпад до контејнер, а не во контејнер. Секојдневно се соочувам со еколошките проблеми во Тетово. Кога ќе ги пружам алиштата од моите деца да се исушат, ги собирам полни со мирис на чад. Луѓето немаат одговорност, а системот нема решение. Барем тоа го имам заклучено низ годините“, раскажува Тушева Јовановска.

Дел од анкетираните граѓани, пак, сметаат дека во моментов еколошката состојба во Тетово е подобра од порано, но дека се потребни уште повеќе инспекции, контроли и казни. Повеќето од нив не се запознаени со процесот на пријава на еколошки прекршоци. Еден од соговорниците вели дека не е информиран за таков процес и дека треба да има реклама на телевизија за тоа, бидејќи повозрасните луѓе не се навикнати преку интернет да бараат информација за пријави. Дел од соговорниците имаат позитивно мислење за мерките на Општината за да се подобри ситуацијата, а апелираат да има повеќе казни за еколошките прекршители.
Нефункционална апликација
Општина Тетово има нова веб-страница, а за комуникација со граѓаните се достапни и посебната веб-страница „Те клик“, како и истоимената мобилна апликација, наменети за пријавување проблеми и за полесен пристап до општинските услуги.
При обидот да се користи опцијата „Пријави проблем“ на веб-страницата „Те клик“, се појавува грешка, по што корисникот се насочува кон користење на мобилната апликација.
Но, и во апликацијата, по нејзиното преземање, опциите за пријавување на македонски јазик се ограничени на проблеми со јавното осветлување, градскиот паркинг, јавниот превоз, данокот на имот и технички проблеми со самата апликација. Меѓу понудените категории не е наведена посебна опција за пријавување загадување или друг еколошки проблем.


Од Општина Тетово ни одговорија дека сѐ уште се работи на веб-страницата и на апликацијата, со цел средување на сите опции за пријава на проблеми од страна на граѓани.
До нивното целосно функционално унапредување, останува отворено прашањето колку овие дигитални канали им овозможуваат на граѓаните едноставно и ефикасно да пријавуваат еколошки проблеми.
Инспекциски надзор: капацитет, планирање и спроведување
Во Општината функционира Сектор за инспекциски надзор, кој е поделен по одделенија. Надлежноста за справувањето со комуналните и еколошките проблеми во Општината е во рацете на инспекторите, кои се дел од Одделението за инспекциски надзор од комунална дејност и животна средина. Иако се дел од Општината, инспекторите постапуваат независно во согласност со начелото на самостојност (член 11 од Законот за инспекциски надзор).
Од Општина Тетово ни одговорија дека сѐ уште се работи на веб-страницата и на апликацијата, со цел средување на сите опции за пријава на проблеми од страна на граѓани.
Мирдије Дурмиши е инспекторка за животна средина во Општината. Таа вели дека инспекторите се водат според Годишниот план за работа на инспекцискиот надзор, каде што е планирано спроведување одреден број редовни контроли, вонредни контроли и контролни надзори. Дурмиши истакнува дека се постапува по секоја пријава во Општината, а објасни и како изгледа процесот од добивање пријава до негова реализација.
„Странката преку Архивата во Општината поднесува иницијатива/барање, што треба да содржи локација, време, опис на настанот и фотографии. Недостатокот на фотографија не значи дека пријавата нема да се разгледа. По приемот, барањето се доставува до раководителот на Секторот. Според проблематиката опишана во барањето, раководителот го распределува барањето до соодветниот инспектор. Инспекторот постапува самостојно по предметот. Се излегува на терен – се оди на локација во зависност од тоа дали е физичко лице или правно лице. Инспекторот се легитимира и продолжува постапката. Самиот инспектор, ако има потреба, прави записник, а потоа според фактичката состојба што ја увидел, независно носи одлука дали има потреба од решение. Во зависност од проблемот, може да е потребна постапка за испитување и анализи за емисии во воздухот – особено тоа се случува во зимските месеци. Акредитирана лабораторија ги изработува анализите и потоа ги добиваме резултатите. Ако има потреба и ако се утврди неправилност, се изрекуваат мерки, а ако не, постапката се завршува со контролен записник“, објаснува Дурмиши.

Според Годишниот план, инспекторите ги утврдуваат ризиците и бројот на очекувани контроли. Дурмиши истакнува дека вообичаено за овој регион е во летниот период инспекторите повеќе да се концентрирани на отпадот, а во зимата поголем е фокусот на аерозагадувањето. Според неа, пријави од граѓани има.
„Имаме пријави од граѓани, особено во летниот и во зимскиот период. Во лето се зголемува метежот во Општината. Колку повеќе луѓе има, се јавуваат и повеќе проблеми. Во зима аерозагадувањето е во фокус, поради временските услови, а и географската положба – Тетово се наоѓа во котлина. Исто така и поради густиот сообраќај. Ние ги следиме параметрите од платформата ‘МојВоздух/Air care’. Има и мерна станица во дворот на ОУ ‘Св. Кирил и Методиј’ во Тетово, од каде што редовно влечеме податоци за квалитетот на амбиенталниот воздух во Тетово. Ако има надминувања, правиме контроли и почесто, а ги следиме и препораките на Министерството“, вели инспекторката Дурмиши.
Зголемување на бројот на инспектори и бројот на контроли
Во систематизацијата на Општината се предвидени 8 работни места за инспектори за животна средина, 8 за комунални инспектори и 13 за комунални редари.

Во однос на прашањето дали моменталниот број инспектори, иако е зголемен од претходно, е доволен за обемот на работа и ризиците во Тетово, од Општината велат дека целите успешно се реализираат, но дополнителен број инспектори би ја олеснил работата.
Сличен е и одговорот од самата инспекторка.
„Секогаш има опција да се подобри состојбата. Секогаш има потреба од повеќе кадри, бидејќи сме голема општина. Секогаш треба и усовршување, ни требаат повеќе редовни обуки. Затоа што теоријата е едно, законот за сите е ист, но проблемите што се јавуваат на терен се различни, практиката често открива моменти на кои треба да се поработи за да се подобри воопшто процесот. Имаме отворена комуникација и соработка и со инспектори од други општини, со цел да се разменат искуства и да се подобри процесот. Колку повеќе нѐ има, ефикасноста ќе биде поголема. Потребни се и повеќе возила и опрема. Многу е подобро од порано, но секогаш може подобро“, вели Дурмиши.



Законот на хартија не обезбедува чист воздух
Но, јавноста сè уште нема едноставен начин на едно место да го следи целиот пат на една пријава, или да има увид во инспекцискиот надзор и во конечниот исход од преземените мерки.
Професорката Билјана Тодорова, деканка на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, чиј дел од експертизата е и еколошкото право, смета дека особено важен предуслов за поефикасен надзор е транспарентноста на институциите. Според неа, граѓаните треба да имаат пристап до систематизирани информации за да не дојде до отежнување на јавната процена дали институциите навистина ја исполнуваат својата функција.
„Законот за инспекциски надзор во животната средина изречно го утврдува начелото на транспарентност, а пристапот до информации за животната средина е едно од основните начела на еколошкото право. Тоа, сепак, не значи безусловно право на увид во секој документ од конкретниот инспекциски предмет. При давањето информации мора да се почитуваат законските ограничувања што се однесуваат на личните податоци, на деловните тајни и на другите законски заштитени информации. Но, овие ограничувања не би требало да се користат како општо оправдување за нетранспарентност на инспекцискиот систем“, истакнува Тодорова.

Од Општина Тетово велат дека се известуваат странките што пријавуваат за текот на постапката во најкус можен рок, но не се води единствен регистар на прекршоците и на пријавите, бидејќи предметите се заведуваат во Архивата на Општината.
Во последните години имало повеќе од 50 изречени парични казни за правни и физички лица. Повеќето се наплатени, а за другите е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд, информираат од Општината. Имало случај и кога два субјекта биле двапати казнети во различна година. Од Општината тврдат и дека сите донесени решенија од областа на животна средина и комунални дејности се извршени. Што се однесува до механизмот за проверка на тоа дали по изречената санкција, констатираната неправилност се отстранува, од Општина Тетово велат дека токму тоа се констатира со контролниот инспекциски надзор.
„Особено изразен проблем останува локалното ниво, каде што податоците за бројот на инспектори, извршените редовни, вонредни и контролни надзори, примените пријави, утврдените неправилности, донесените решенија и санкциите не се објавуваат во унифицирана и споредлива форма. Јавноста најчесто може да добие информација дека бил извршен одреден број инспекциски надзори, но многу потешко може да утврди што конкретно било утврдено и, уште поважно, каков бил конечниот исход од постапувањето“ФЛОРОЗОН.
Проф. д-р Тодорова смета дека клучниот проблем во заштитата на животната средина не е толку во недостигот на законска регулатива, колку во нејзиното доследно спроведување.
„Земјава има релативно развиена нормативна рамка во областа на животната средина, која во значителен дел е изградена под влијание на правото и стандардите на ЕУ. Тоа не значи дека законодавството е совршено и дека нема простор за негово понатамошно подобрување. Но, во практиката слабостите многу често се појавуваат во институционалните и кадровските капацитети, координацијата меѓу надлежните органи, континуитетот на инспекцискиот надзор, следењето на извршувањето на мерките и достапноста на информациите за јавноста“, вели таа.
Еколошки политики: Б-интегрирани дозволи и Локален еколошки акциски план (ЛЕАП)
Б-интегрираните еколошки дозволи се поединечни одобренија што ги издаваат општините за помали индустриски инсталации и капацитети, со цел да се контролира и да се намали нивното влијание врз животната средина. Законска обврска на Општините е да водат регистар за своето подрачје, а потоа да го достават до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое, пак, води централен регистар, јавно достапен на официјалната веб-страница на министерството.
Во однос на издавањето Б-интегрирани дозволи, Општина Тетово информира дека во периодот од 2021 до 2026 година е издадена една Б-интегрирана еколошка дозвола, која сѐ уште е активна. Во одговорот не е наведено за кој оператор станува збор. Исто така, Општина Тетово не располага со јавно достапен регистар за издадени Б-интегрирани дозволи, а оттаму велат дека тие податоци ги има Одделението за животна средина.
„Постапката за добивање Б-интегрирана еколошка дозвола е регулирана со Законот за животна средина и со правилата за Б-интегрирана дозвола. Редовно се вршат надзори кај операторот со Б-интегрирана дозвола и не се утврдени прекршувања“, стои во одговорот на Општината.
Процесот на евиденција за издавање Б-интегрирани дозволи според Центарот за граѓански организации не е ограничен само на Општина Тетово. Нивното истражување од 2024 година, укажува дека на национално ниво не постои целосна и усогласена евиденција на компаниите што поседуваат вакви дозволи. Утврдено е дека дел од дозволите издадени од општините не биле внесени во регистарот, додека меѓу евидентираните имало и фирми што ги затвориле своите инсталации. Отсуството на интегриран систем и на целосни регистри на загадувачи, според истражувањето, отвора прашања и за контролата врз индустриските капацитети и за редовното пресметување и наплата на надоместоците за дозволите.
Од друга страна, Општина Тетово во моментов нема важечки Локален еколошки акциски план – ЛЕАП, стратегиски документ со кој општините ја анализираат состојбата со животната средина и планираат мерки за заштита на урбаниот развој, воздухот, отпадот и бучавата. Од Општината тврдат дека неговата изработка е во постапка. Локалниот еколошки акционен план е задолжителен и законски обврзен документ на локално ниво, кој произлегува од Законот за заштита на животната средина. Според законот, советите на општините се должни, во согласност со Националниот еколошки акционен план (НЕАП), да донесат ЛЕАП за период од шест години и редовно да го ажурираат.
Проф. д-р Билјана Тодорова смета дека ЛЕАП служи за идентификување на локалните еколошки проблеми и утврдување приоритети и мерки за нивно решавање.
„Ако е донесен, но не е достапен за јавноста, пред сè се поставува прашањето на транспарентноста. Самото тоа што документот не може да се најде на интернет, не значи дека тој не постои. Доколку, пак, Општината воопшто нема донесено актуелен ЛЕАП, тогаш прашањето веќе не е само прашање на транспарентност, туку и на исполнувањето на законските обврски. Од друга страна, ако ЛЕАП е донесен, но мерките предвидени во него не се спроведуваат, тогаш се поставува прашањето за реалната ефикасност на локалната еколошка политика. План што постои само формално, а не се спроведува, тешко може да ја оствари целта заради која е донесен“, вели професорката Тодорова.
Инспекторите поддржуваат реформирање на постојниот модел
Предизвиците во инспекцискиот надзор и еколошките политики биле предмет на истражување и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН и невладината организација НВО Инфоцентар, кои утврдиле пошироки системски проблеми, меѓу кои фрагментираност на податоците, различен начин на водење евиденции од институциите, неусогласена терминологија и отсуство на единствен, јавно достапен систем преку кој може да се следи работата на инспекциските служби.
Во последните години имало повеќе од 50 изречени парични казни за правни и физички лица. Повеќето се наплатени, а за другите е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд.
Според ФЛОРОЗОН, кои во 2021 година ја изработија публикација „Проценка на транспарентноста и отчетноста на инспекторатите со надлежности во животната средина“, значителен дел од слабостите во инспекцискиот надзор идентификувани тогаш и понатаму се присутни.
„Особено изразен проблем останува локалното ниво, каде што податоците за бројот на инспектори, извршените редовни, вонредни и контролни надзори, примените пријави, утврдените неправилности, донесените решенија и санкциите не се објавуваат во унифицирана и споредлива форма. Јавноста најчесто може да добие информација дека бил извршен одреден број инспекциски надзори, но многу потешко може да утврди што конкретно било утврдено и, уште поважно, каков бил конечниот исход од постапувањето“, истакнуваат од ФЛОРОЗОН.
Од таму нагласуваат дека бројот на извршени инспекциски надзори сам по себе претставува показател за активност, но не и доказ за ефикасност.
„За да се утврди дали надзорот навистина дава резултати, потребно е да се следи целиот тек на предметот – од пријавата до конечниот исход. Најголемиот ризик е што станува невозможно независно да се оцени дали законите навистина се применуваат еднакво и доследно. Недоволната транспарентност создава простор за селективно постапување, ја зголемува перцепцијата за можни политички или други влијанија и коруптивни ризици, ја намалува довербата во институциите и им оневозможува на граѓаните и на медиумите да утврдат дали нивните пријави довеле до конкретен резултат“, велат од Центарот.
Невладината НВО Инфоцентар во 2022 година спроведе Анкета на национално ниво во рамките на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“, каде што беа опфатени сите 8 плански региони во земјава. Утврдено беше дека најизразени проблеми се недостигот на инспектори и стручни кадри, ограничените финансиски и технички ресурси, неусогласената и често противречна законска рамка, преклопувањето на надлежностите, како и слабата реализација на инспекциските и на прекршочните постапки.
„Постојниот модел создава ризик од политички, институционални и деловни влијанија. Особено е проблематично што општините истовремено се даватели на услуги и субјекти над кои се врши инспекциски надзор, што може да доведе до судир на интереси и притисоци врз инспекторите“НВО Инфоцентар
„Анкетата покажа дека повеќето инспектори поддржуваат реформирање на постојниот модел. Половина од анкетираните инспектори сметаат дека сегашниот модел на локалните инспекциски служби треба да биде заменет со инспекциски служби на регионално ниво, а речиси една четвртина се залагаат за централизиран систем“, информираат од организацијата.
Во однос на независноста на работата на инспекторите, истражувањето покажало ограничувања, бидејќи инспекторите се дел од локалната администрација.
„Еден од клучните наоди беше дека постојниот модел создава ризик од политички, институционални и деловни влијанија. Особено е проблематично што општините истовремено се даватели на услуги и субјекти над кои се врши инспекциски надзор, што може да доведе до судир на интереси и притисоци врз инспекторите“, соопштија од организацијата НВО Инфоцентар.
Чистата животна средина – заедничка одговорност
Иако институциите имаат законска обврска да го контролираат загадувањето и да ги санкционираат прекршителите, граѓаните потсетуваат дека состојбата со животната средина зависи и од личната одговорност и културата на секој поединец.
Граѓаните што ги прашавме беа децидни дека само со повеќе пријави може да се принудат институциите да реагираат, а само со повисоки казни може да се промени свеста и кај граѓаните и кај властите.
Вистинскиот резултат зависи од систем што постапува и општество што не ја прифаќа негрижата како нормална појава.
* Маја Пероска е новинарка
** Тамара Савоска е активистка во организацијата Брајт
*Сторијата е преземена од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
**Содржината на оваа објава е единствена одговорност на Институтот РЕСИС и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, „Цивика мобилитас“ или на организациите што ја спроведуваат.

