Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на двегодишната Данка Илиќ, денеска беа донесени во Вишиот суд во Неготин за подготвителното рочиште. Обвинителството бара доживотен затвор за двајцата, додека телото на девојчето, кое исчезна на 26 март 2024 година, сè уште не е пронајдено.
Рочиштето е затворено за јавноста. Обвинителството и одбраната треба да ги изнесат своите воведни излагања и да предложат докази, по што ќе биде закажан главниот претрес. Според изјавата на претседателката на судот, пренесена од Н1, главното судење ќе биде отворено за јавноста, а новинарите ќе можат да присуствуваат со претходна акредитација.
Драгијевиќ и Јанковиќ се товарат за тешко убиство во соизвршителство. Според обвинението, на денот на исчезнувањето со службено возило на комуналното претпријатие „Водовод“, каде што работеле, ја удриле Данка во Бањско Поле кај Бор, а потоа ја внеле во автомобилот.
Обвинителската верзија е дека телото го однеле на депонија, а подоцна го преместиле на друга локација. Овие наводи треба да бидат испитани во судската постапка. Според Н1, обвинетите подоцна ги повлекле првичните признанија дадени во полицијата.
Предметот стигна до суд по дополнување на истрагата и повеќекратно преиспитување на обвинението. Апелацискиот суд во Ниш двапати го враќал решението за негово потврдување на Вишиот суд во Заечар. При второто враќање наложил да одлучува целосно нов судски совет во Неготин, каде што потоа бил префрлен предметот.
Обвинението пред судот во Неготин ќе го застапува Вишото јавно обвинителство во Заечар, кое го водеше и истражниот предмет.
Во постапката првично беше обвинет и Радослав Драгијевиќ, таткото на Дејан, под сомнение дека помогнал во преместувањето на телото. Судот ја запрел постапката против него.

