Џиновска отсечена дланка, долги црвени нокти и лице скриено меѓу протезите. Хајди Клум на својата традиционална забава за Ноќта на вештерките во Њујорк пристигна во костим во кој едвај можеше да се препознае.
Педесет и тригодишната манекенка годинава се претвори во огромна верзија на сопствената лева дланка. Нејзините нозе беа сместени во средниот и домалиот прст, додека од костимот ѝ се гледаа очите и устата, со шминка што создаваше впечаток на крвава рана.
Трансформацијата беше претставена на 31 октомври во ресторанот „Катедрал“ на Менхетн, каде што Клум ја одржа јубилејната, 25-та забава за Ноќта на вештерките. На влезот ја придружуваа помошници во заштитни одела, дополнувајќи го изгледот инспириран од хорор-филмовите.
Зад необичната идеја стои долг процес на изработка. За костимот повторно работела со уметникот за специјални ефекти Мајк Марино и неговиот тим. Во разговор за „Вог“, Клум објаснила дека биле користени скенови од нејзиното тело за да се направи што поверна копија на раката.
Биле пресликани вените, линиите на дланката, свршеничкиот и венчалниот прстен, па дури и малата тетоважа на прстот. Предизвик било конструкцијата да изгледа реалистично, а истовремено да ѝ овозможи да се движи.
Самото маскирање траело пет до шест часа, изјавила Клум за Асошиејтед прес. Изработката барала многу повеќе време, а најтешко ѝ било да ја носи тежината на костимот.
Клум претходно се појавуваше како паун, Фиона од „Шрек“ и Е.Т., а особено внимание привлече во 2022 година со костимот на огромен црв. Годинава инспирацијата ја пронашла во нешто што секојдневно го гледа, сопствената рака.

