До 9 часот во Брвеница гласале 646 граѓани, односно 3,98 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија. Утринската излезеност во вториот круг од предвремените избори за градоначалник е повисока од онаа во првиот круг.
На гласачкото ливче се Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ.
Според портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска, до 9 часот излезеноста е зголемена за 1,52 процентни поени во споредба со гласањето на 18 октомври. Тогаш, во истиот период, гласале 400 граѓани, или 2,46 отсто од запишаните избирачи.
Право на глас имаат 16.256 граѓани на 24 избирачки места. Сите биле отворени навреме, во 7 часот, а според утринските информации на ДИК, гласањето се одвива во мирна атмосфера.
Највисока излезеност до 9 часот е регистрирана на избирачкото место 2037, со 8,7 отсто, а најниска на избирачкото место 2048, каде што гласале 1,25 отсто од избирачите.
Предвремените избори се одржуваат по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски во јуни годинава. Во првиот круг ниту еден од шестмината кандидати не го освои потребното мнозинство.

