Розеникав метеорит пронајден во Сахара во 2022 година се покажа како редок примерок од Марс, формиран пред повеќе од 4,1 милијарди години. Анализите откриле и траги од некогашен допир со вода, што им овозможува на научниците да ги истражуваат условите на Црвената Планета во нејзината најрана историја.
Метеоритот, наречен Тегаза 001, бил пронајден во Мали, а собраните парчиња тежат околу 800 грама. Резултатите од истражувањето, финансирано од НАСА, се објавени на 29 октомври во научното списание „Сајенс“.
Неговото потекло првично го утврдиле истражувачи од Универзитетот во Ново Мексико. Со анализа на изотопите на кислородот, кои служат како хемиски отпечаток на планетарните тела, откриле совпаѓање со други познати метеорити од Марс.
Дополнителните испитувања покажале необична структура и минерали што го издвојуваат од повеќето досега пронајдени примероци. Тимот предводен од Јанг Лиу од Лабораторијата за млазен погон на НАСА открил и ситни кристали од циркон, важни за утврдување на староста на карпите.
Особено значајни се промените во минералите што укажуваат на дејство на вода пред околу 4,1 милијарди години. Самата карпа, според научниците, се формирала уште порано.
Тегаза 001 е меѓу трите најдревни познати метеорити од Марс пронајдени на Земјата. Неговата вредност е и во составот, кој овозможува да се следи како се формирала раната кора на планетата и како подоцна се менувала под влијание на вода.
Научниците сметаат дека примерокот потекнува од средина значително поинаква од денешниот студен и сув Марс. Неговото проучување може да помогне во истражувањето на областите во кои некогаш постоеле услови погодни за живот.
Како и другите марсовски метеорити, карпата била исфрлена во вселената при силен удар во површината на планетата, а подоцна стигнала до Земјата. Нејзината старост се однесува на формирањето на Марс, а времето на пристигнување во Сахара не е утврдено во објавените наоди.
Истражувачите идентификувале неколку можни области од кои потекнува, меѓу нив и древните јужни висорамнини на Марс. Тие податоци можат да помогнат при изборот на места за идни истражувачки мисии.

