Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека обидите на ВМРО да ја наметнува темата за Брвеница се обид за дефокусирање од сериозниот скандал со Алта банка, кој ги загрози средствата на граѓаните и финансиската стабилност во земјава. Филипче изјави дека наместо да одговорат како се дозволи влезот на Алта банка и зошто илјадници граѓани не можат да пристапат до своите пари, власта се обидува да го пренасочи вниманието кон други политички теми.
„Сметам дека таа тема и тоа што тоа се форсира од организираната криминална група на ВМРО е само уште еден обид за дефокус, но нема да можат да направат дефокус со никакви избори во Брвеница. Со оваа катастрофа и дебакл кој што го направија, со кој што го загрозија целокупниот финансиски систем во земјава“, рече Филипче.
Филипче посочи дека граѓаните се соочуваат со реален проблем, додека власта се обидува да го пренасочи вниманието од редиците пред затворените експозитури и неизвесноста околу нивните пари.
„Граѓаните кои што имаат пари во Алта банка денеска седат во редови на дожд пред експозитурите кои што им се затворени. Според нашите извори, сите пари се повлечени од експозитурите. И тој дефокус на криминалната група нема да им помогне“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека Македонија досега немала поголема политичка криза од периодот на владеењето на Мицкоски, а граѓаните сè повеќе гледаат дека ветувањата не се исполнети и дека наместо решенија добиваат нови проблеми.
„Прво, од 1991 година до сега немало поголема политичка криза од периодот на владеење на Христијан Мицкоски. И ние тоа и во име на партијата и јас лично го говорам од средината на 2024 година, кога укажуваме на тоа дека станува збор за една криминална банда која што е заинтересирана само за себе, која што ги загрозува финансиската стабилност на земјата, европскиот пат, стандардот на граѓаните во име на некаков лажен патриотизам како што сакаат да се претстават. Зошто? За да можат да крадат пари. Еве сега се докажува сè повеќе и повеќе. Нема поголема криза, ниту имала Македонија од средината на 2024 година до денес, откако е на власт Христијан Мицкоски и неговата банда да знаат дека ќе одговараат“, рече Филипче.

