Илјадници граѓани вечерва, 3 ноември, излегоа на улиците на Прага во масовен протест против плановите на чешката влада за промена на финансирањето на јавните медиуми. Централниот Вацлавски плоштад се исполни со демонстранти, новинари, студенти и уметници кои бараат зачувување на независноста на Чешката телевизија и Чешкото радио, додека вработените во двете институции од полноќ спроведуваат еднодневен штрајк.
Протестните поворки тргнаа од седиштата на јавната телевизија и радио, а на патот кон центарот им се приклучија студенти од повеќе прашки универзитети. Според чешкиот портал „Новинки“, долниот дел од Вацлавскиот плоштад бил целосно исполнет со луѓе, а големата посетеност привремено го отежнала и излегувањето од блиската метро станица.
Главниот собир започна симболично во 16:36 часот. Времето не е избрано случајно. На 24 октомври, точно во 4:36 часот наутро, пратениците од владејачката коалиција го придвижија во понатамошна парламентарна процедура законскиот предлог со кој се предвидува укинување на постојните телевизиски и радиодифузни такси.
Pane Babiši, tady máte další útok na Kapitol. pic.twitter.com/ufAZa6wj4G
— Filip Vích (@VichFilip) November 3, 2026
Владата на премиерот Андреј Бабиш предлага јавната телевизија и радио во иднина да се финансираат директно од државниот буџет, наместо преку надоместоците што ги плаќаат граѓаните и компаниите. Предложените измени предвидуваат и намалување на финансирањето за околу 15 проценти.
Вработените во јавните медиуми предупредуваат дека ваквиот модел би можел да им даде на политичките партии поголемо влијание врз уредувачката политика. Според нив, зависноста од годишните буџетски одлуки би ја загрозила финансиската стабилност на медиумите и би можела да доведе до отпуштања, намалување на продукцијата и укинување емисии.
Штрајкот веќе го промени редовното емитување. На информативниот канал ЧТ24, водителите облечени во црно ги читаат вестите пред затемнета редакција, додека дел од редовните програми се заменети со архивски содржини. Чешкото радио, исто така, емитува ограничена програма.
Протестите не се ограничени само на главниот град. Масовни собири се одржуваат и во Брно, Оломоуц, Либерец и други чешки градови. Според „Новинки“, во Брно полицијата не ја исклучува можноста бројот на демонстранти да достигне 10.000, додека во Оломоуц се собрале приближно 1.500 луѓе.
На собирот во Прага се обрати и главниот уредник на информативната програма на Чешката телевизија, Михал Кубал, кој предупреди дека предложените промени не го водат јавниот радиодифузен систем кон скандинавскиот модел, како што тврдат застапниците на реформата, туку во спротивна насока.
Поддршка за протестите изразија универзитетски претставници, синдикати, актери и културни работници. Претставници на Националниот театар во Прага побараа и оставка од министерот за култура Ото Клемпир, обвинувајќи го за политиките што, според нив, ја загрозуваат независноста на јавните институции.
Бабиш, од друга страна, ги отфрла обвинувањата дека владата сака да воспостави политичка контрола врз медиумите. Тој тврди дека укинувањето на претплатата е предизборно ветување чија цел е намалување на финансискиот товар врз граѓаните и дека за конечната форма на законот ќе се разговара во парламентот.
Спорот околу финансирањето на јавните медиуми прераснува во поширок политички судир за нивната независност. Опозициските партии и дел од медиумските организации предупредуваат на можноста од повторување на моделите на политичко влијание врз јавните радиодифузери во Унгарија и Словачка, додека владејачката коалиција останува на ставот дека предложените измени претставуваат финансиска реформа.
Václavák praská ve švech! 🔥✌️ Metro nestíhá, všude tisíce mladých lidí, atmosféra bouřlivá. Pane Babiši, tohle jste absolutně přehnali. Češi si nezávislá média nenechají ukrást. Po celé zemi se stávkuje a protestuje – a tohle jen tak neskončí. Stáhněte ten Klempířův zákon a… pic.twitter.com/4PzLubNHce
— Milion chvilek pro demokracii (@milionchvilek) November 3, 2026

