Бизарно испраќање на Мишо Ковач?

Sreenshot

Необичното испраќање на Мишо Ковач, легендарниот хрватски пејач кој почина на 31 октомври, предизвика полемика во Хрватска откако неговиот ковчег беше пренесен со погребно возило по атлетската патека на стадионот „Пољуд“ во Сплит. Пред повеќе од 30.000 луѓе, возилото направи почесен круг покрај трибините, придружувано од неговите музички колеги, додека публиката ги пееше најголемите хитови на пејачот.

Масовното испраќање, организирано од фудбалскиот клуб Хајдук, навивачката група Торцида и Хрватското музичко здружение, започна во 17:30 часот. На стадионот настапија Младен Грдовиќ, Дражен Зечиќ, Џулијано, Ален Нижетиќ, Јоле и клапата Ришпет, а илјадници луѓе на трибините пееја заедно со нив.

Најнеобичниот момент се случи околу 18:20 часот, кога погребното возило со ковчегот на Ковач влезе на стадионот. Додека од трибините одекнуваше песната „Пољуби земљу“, возилото полека помина по атлетската патека покрај западната, јужната и источната трибина. Покрај ковчегот чекореа неговите пријатели и музички колеги.

Околу 18:33 часот возилото запре под северната трибина, каде што свештеникот Иван Утјешиновиќ предводеше заедничка молитва. Четири минути подоцна ковчегот го напушти стадионот, додека присутните ја пееја „Само нас небо раставит може“ и со силен аплауз го испратија пејачот.

Но, токму ваквиот начин на простување предизвика критики во дел од хрватската јавност.

Во авторски коментар за хрватски „Индекс“, новинарот Слободан Муфиќ го проблематизираше пренесувањето на ковчегот пред десетици илјади луѓе. Тој нагласи дека Ковач несомнено заслужува големо испраќање, особено поради неговата поврзаност со Сплит и Хајдук, но го постави прашањето дали за оддавање почит кон еден музички великан навистина било неопходно неговото тело да се вози низ стадионот.

Според Муфиќ, музичкиот собир можел да биде подеднакво емотивен и достоинствен без присуството на ковчегот. Како пример го посочи родниот Шибеник, каде што илјадници граѓани претходната вечер се собраа пред катедралата „Свети Јаков“ и заедно ги пееја песните на Ковач, без неговото тело да биде присутно.

Полемиката дополнително ја засили планот погребното возило по заминувањето од „Пољуд“ да помине по крајбрежниот пат низ Далмација, преку Каштела, Трогир, Рогозница, Примоштен, Шибеник и Водице, до Задар. Организаторите претходно ги повикаа граѓаните и навивачите да се соберат долж трасата и да му оддадат последна почест со знамиња, шалови и песни.

За организаторите, ваквото испраќање претставуваше израз на љубовта на Далмација кон човекот чии песни со децении се дел од нејзиниот музички и културен идентитет. За критичарите, пак, пренесувањето на ковчегот низ стадионот беше непотребно претворање на последното збогување во јавен спектакл.

Особено внимание привлече контрастот меѓу масовната церемонија на „Пољуд“ и желбата на семејството самиот погреб да се одржи во приватна атмосфера, во присуство на најблиските. Ковач, според хрватските медиуми, сакал да биде погребан покрај својот прерано починат син Еди, на загрепските гробишта Мирогој.

Врската на пејачот со „Пољуд“ има длабока лична и музичка историја. Во септември 1993 година тој одржа концерт пред речиси 50.000 луѓе, посветен на својот син Еди и на загинатите хрватски бранители. Тој настап остана еден од најзначајните моменти во неговата кариера.

Мишо Ковач почина на 31 октомври, во 86. година од животот. Хрватската влада го прогласи 3 ноември за Ден на национална жалост, а неговиот погреб е закажан за 4 ноември во Загреб.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?