Осум полициски службеници се уапсени во Србија поради сомневање дека се одговорни за смртта на Далибор Драгијевиќ во полициската станица во Бор. Драгијевиќ беше брат на еден од обвинетите за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Уапсените полицајци се припадници на Одделот за посебни акции при Управата на криминалистичката полиција, а според неофицијални информации, Вишото јавно обвинителство во Ниш најавува натамошни приведувања поврзани со овој случај.
Далибор Драгијевиќ беше приведен на 6 април 2024 година под сомнение дека му помогнал на својот брат Дејан Драгијевиќ да го сокрие телото на двегодишното девојче. Само еден ден подоцна, тој почина за време на полицискиот притвор во Бор.
Министерството за внатрешни работи на Србија тогаш тврдеше дека смртта настапила од природни причини, повикувајќи се на наодите на мртовечникот.
Сепак, официјалната обдукција на Институтот за судска медицина подоцна ги демантираше полициските тврдења и утврди насилна смрт. Медицинскиот наод регистрираше скршени ребра од двете страни, хематоми по целото тело и тешки повреди на стапалата настанати од интензивни удари.
Апсењата доаѓаат непосредно по почетокот на судскиот процес во Вишиот суд во Неготин против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на Данка Илиќ.

