Авион на „Рајанер“ на релација Рим – Лисабон и летало на „Визер“ од Прага кон Рим утрово се најдоа на мета на закани за поставени експлозивни направи.
Авионот на „Рајанер“ безбедно слета на аеродромот „Умберто Делгадо“ во Лисабон кратко пред 8 часот по анонимен телефонски повик до контролната кула на римскиот аеродром „Фјумичино“. Португалската полиција за јавна безбедност добила и посебно предупредување за можна експлозивна направа во леталото. Властите во Лисабон веднаш започнаа детална истрага, но засега нема потврда за пронајден експлозив.
Паралелно со овој инцидент, дојава за бомба беше пријавена и на лет на „Визер“ кој сообраќал од Прага кон Рим. Поради заканата, авионот беше пренасочен и принудно слета во Венеција.
Утринските инциденти претставуваат продолжение на серијата закани што предизвикуваат хаос во европскиот авиосообраќај. Само во текот на вчерашниот ден беа регистрирани дојави за бомби на најмалку 25 летови низ европските земји. Официјални претставници на Европската Унија соопштија дека сè уште е прерано да се утврди дали сите овие закани се меѓусебно поврзани и координирани.

