Политичка недоследност и парадоксот на одговорноста: Зошто иницијативата „12:05“ функционира како „12:45“

Најновото барање на платформата „12:05“ за формирање „национален консензус за уставни измени“ и „државен план за напредок кон ЕУ“ претставува политички потег кој се карактеризира со изразена институционална недоследност. Анализата на нивниот јавен настап укажува дека не станува збор за мотив за суштинско решавање на политичката криза, туку за политичко позиционирање во кое протагонистите бараат излез преку девалвирање на механизмите кои самите до неодамна ги легитимираа и управуваа.

Политички пристап “одлепен” од реалноста (не 12:05 туку 12:45)
Иако името на платформата требаше да алудира на итност во решавањето на државните прашања, нивното политичко дејствување посуштински може да се дефинира преку симболиката на „12:45“. Барањето за нов почеток и нов „државен план“ во момент кога интегративните процеси се веќе длабоко поларизирани и заглавени, укажува на политички анахронизам. Предлозите се драстично задоцнети и не соодветствуваат на тековниот политички амбиент, што ги прави одлепени од реалните предизвици на теренот.

Парадоксот на креаторите кои станаа критичари
Основната противречност во нивниот наратив произлегува од нивниот претходен политички ангажман. Во 2022 година, државата веќе имаше дефинирано државен план за напредок кон ЕУ, кој тогаш беше експлицитно отфрлен од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Денес, структурите како „12:05“, заедно со субјекти како ЗНАМ, индиректно го доведуваат под прашање истиот тој план чии архитекти и директни поддржувачи беа самите тие. Фактографијата за нивната инволвираност е јасна: Славјанка Петровска во 2022 година беше дел од владата и формално го одобри тогашниот евроинтеграциски пакет. Во истиот тој период, Игор Ивановски и д-р Петров, како дел од советодавните и раководните структури на СДСМ, исто така дадоа поддршка за планот. Трансферот од позиција на носители на одлуки во позиција на актери кои бараат сосема нов консензус претставува класичен парадокс на одговорноста.

“12:45” бара план од оние кои нѐ доведоа до „ќорсокак“

Додека овие субјекти иницираат нови платформи, во изминатите четири и пол години доминантна политичка реалност е концептот предводен од Христијан Мицкоски, кој во пракса резултираше со институционален и интегративен ќорсокак. Наместо директно адресирање на оваа стагнација, реториката на „12:05“ (или реално „12:45“) дополнително го релативизира просторот. Преку доведување под прашање на планот од 2022 година, тие индиректно му овозможуваат на концептот на ќорсокак да опстојува како тековен статус кво.

Дополнителен парадокс се лоцира во самата политичка адреса кон која се упатени овие барања. Целосно е нелогично да се очекува нов, проевропски план од извршна власт чии досегашни политики директно придонесоа Македонија да се раздвои од Албанија и Црна Гора на европскиот пат. Очекувањето кредибилен напредок од политичка структура чиј највидлив резултат е регионалното раздвојување и меѓународната стагнација на државата, укажува на сериозно несовпаѓање со политичката реалност.

Барањето нов консензус од политичките актери кои го отфрлија претходниот, проследено со дистанцирање од планот кој самите иницијатори го одобрија, не претставува одржлива стратегија. Тоа пред сѐ укажува на политичка дезориентираност или намерна манипулативност карактеристична за субјекти чиј тајминг неповратно задоцнил.

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?