Голем дел од учениците во државата поминуваат по неколку часови дневно на соц-мрежите, а кај дел од нив времето поминато на интернет достигнува и до 12 часа. Притоа, 42,8 отсто од учениците одговориле дека родителите никогаш не го контролираат нивното користење на овие платформи. Ова го покажува истражувањето „Употребата на дигиталните платформи и распространетоста на сајбер насилството во училишната средина“, спроведено од група битолски универзитетски професори, а финансирано од Министерството за образование и наука.
Истражувањето опфатило 1623 ученици од 32 основни и средни училишта во сите плански региони во државата.
Најголем дел од испитаниците, односно 596 ученици или 36,9 отсто, поминуваат од четири до шест часа дневно на дигиталните платформи. Други 337 ученици се активни од еден до три часа дневно.
Особено загрижувачки е податокот дека 356 ученици односно 22 отсто од испитаниците поминуваат од седум до девет часа дневно на овие платформи.
„Доколку се земе предвид времетраењето на наставата, овој податок индицира дека овие ученици се во состојба на речиси постојана изложеност на дигиталните платформи, што остава многу мал простор за недигитална социјализација или академска подготовка надвор од училишната средина“, се наведува во публикацијата со резултатите од истражувањето.
Дополнително, 148 ученици или 9,2 отсто поминуваат од 10 до 12 часа дневно на дигиталните платформи, додека 63 ученици или 3,9 отсто се активни повеќе од 12 часа. Толку долгото време поминато на интернет, во комбинација со часовите на училиште, отвора можност за напоредно користење на дигиталните платформи и за време на наставата.
Само 4 отсто од учениците поминуваат помалку од еден час дневно на дигиталните платформи, а 2,2 отсто воопшто не ги користат.
Недоволната родителска контрола е уште еден показател на кој укажува истражувањето. На прашањето дали родителите го контролираат нивното користење на дигиталните платформи, 692 ученици или 42,8 отсто одговориле дека тоа никогаш не се случува.
Истражувањето покажува и дека Инстаграм е најкористената платформа меѓу учениците: секојдневно ја користат 88,7 отсто од испитаниците. Следуваат Тикток со 84,8 отсто и Јутјуб со 66,7 отсто. Речиси сите ученици, односно 96,9 отсто, имаат паметен телефон.
Целта на истражувањето била да се утврди состојбата со сајбер насилството во училиштата и начините за справување со него. Истражувањето го спровеле проф. д-р Ангелина Станојоска, проф. д-р Ице Илијевски, вон. проф. д-р Ивона Шушак-Лозановска, вон. проф. д-р Благој Неновски и м-р Ана Џима.
Ж.З.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

