Најзначајниот оризопроизводствен регион во државата, Кочанско Поле, ја привршува годинешната жетва на оризот во услови на сериозни производствени проблеми, намалени приноси и незадоволство од откупните цени. Иако Владата најави дополнителна финансиска поддршка од 8 денари за килограм предадена оризова арпа, производителите оценуваат дека тоа не е доволно за да се надоместат загубите и да се обезбеди економска исплатливост на производството.
Годинава под ориз беа засеани околу 4.000 хектари, а на почетокот на жетвата беа објавени процени за производство од околу 16.000 тони бел ориз, од кои 9.000 тони би биле наменети за извоз, а 7.000 тони за домашниот пазар.
Производителите се соочија со доцнење на агротехничките активности, појава на плевели, временски неприлики, намалени приноси и неизвесност околу откупот. Доцното пуштање на водата, одложената сеидба и задоцнетата примена на средствата за заштита создадоа услови за интензивна појава на плевели, особено кокошкино просо.
Според изјавите на оризопроизводителите, околу 40 проценти од површините биле зафатени со плевели, што директно се одразило врз развојот на оризот и очекуваните приноси. Дополнителен проблем претставуваа неповолните временски услови и раната слана, особено на површините што биле посеани подоцна.
Разликите во приносите беа забележителни и меѓу одделни производствени подрачја. Производителите што сееле порано и користеле вода од реката Брегалница имале подобри услови и повисоки приноси, додека во атарите на Спанчево, Соколарци и Бање дел од површините подолго останале зелени и неподготвени за жетва.
Процените од терен за динамиката на жетвата варираат од 50 до 85 проценти ожнеани површини до средината на октомври. Покрај производствените проблеми, оризопроизводителите годинава се соочуваат и со сериозен проблем со откупот. На откупните пунктови се споменуваа цени од 16 до 20 денари за килограм оризова арпа, додека производителите сметаат дека реалната производна цена изнесува околу 28 до 29 денари за килограм.
Приносот дополнително ја определува рентабилноста. Производител со 400 килограми арпа по декар и откупна цена од 18 денари остварува приход од 7.200 денари по декар, додека производител со 600 килограми остварува 10.800 денари.
Тоа покажува дека намалениот принос, во комбинација со ниската откупна цена, создава сериозен финансиски притисок врз земјоделските стопанства.
Производителите повторно побараа донесување посебен правилник за откуп на оризот, со јасни правила, транспарентни цени и поголема сигурност во пласманот.
Една од најзначајните мерки најавени во текот на жетвата е дополнителната финансиска поддршка од 8 денари за секој килограм предадена оризова арпа. Според најавата, мерката се однесува на предадените количини во периодот од 1 септември 2025 до 15 септември 2026 година.
Средствата требаше да се обезбедат преку интервентниот фонд на Министерството за земјоделство и преку ребалансот на буџетот, а исплатата беше најавена до крајот на 2026 година. Предвидена е и поддршка за откупувачите од 2 денари за килограм извезен бел ориз.
И покрај најавената поддршка, дел од оризопроизводителите од Кочанско и Чешиново-Облешево изразија незадоволство. Нивниот став е дека дополнителните 8 денари не можат да ги надоместат загубите од слабата реколта, особено кај производителите што годинава имаат значително помал принос.
Друг проблем што го посочуваат производителите е неизвесноста околу пласманот и постоењето залихи од претходните реколти. Непродадените количини создаваат дополнителен финансиски товар, бидејќи земјоделците имаат вложени средства во производството, а не располагаат со потребната ликвидност за новата производна сезона.
Особено се актуелизира барањето за донесување правилник со кој би се регулирале односите меѓу производителите и откупувачите.
Т. П.
*Преземено од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

