Во тешката автобуска несреќа кај Загреб загинаа државјани на Хрватска и Црна Гора

Двете лица што загинаа при превртувањето на автобусот на А3 кај Иваниќ-Град се државјани на Хрватска и Црна Гора. Информацијата ја потврди хрватското Министерство за надворешни работи за РТЛ Денес, пренесе Индекс. Во несреќата на 8 ноември се повредени уште 33 лица.

Автобусот на српскиот превозник „Ниш експрес“ се превртел околу 7:25 часот, на 61. километар од автопатот, во правец кон Загреб, непосредно по клучката Иваниќ-Град. Во него имало вкупно 35 лица, од кои 33 патници и двајца возачи.

Според Министерството за здравство, шест лица се тешко повредени, а 27 се здобиле со полесни повреди. Повредени се и двајцата возачи.

На местото биле испратени девет тимови на итната медицинска помош, вклучително и хеликоптерски тим. Повредените биле распределени во пет загрепски здравствени установи, меѓу кои клиничките центри Загреб и „Сестри милосрдници“, болниците Дубрава и Меркур и Клиниката за трауматологија. Министерството соопшти дека сите лица на кои им била потребна итна медицинска интервенција биле пренесени во болниците во рок од еден час од интервенцијата.

Од „Ниш експрес“ изразиле сочувство до семејствата на загинатите и им посакале брзо закрепнување на повредените. Компанијата навела дека нема да ги коментира околностите додека трае истрагата.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ исто така изрази сочувство и порача дека истрагата треба да ги утврди причините и околностите на превртувањето. Полицијата засега нема објавено официјално утврдена причина за несреќата

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали гувернерот Славески треба да понесе одговорност за случајот Алта банка?