Европската телевизиска мрежа „Еуроњуз“ се соочува со сериозни прашања за својата уредувачка независност по истражување што открива деловни и политички врски на нејзините сопственици со Александар Вучиќ, Виктор Орбан и српскиот државен телекомуникациски оператор. Поранешни вработени сведочат за притисоци, отпуштања и самоцензура, додека раководството ги отфрла обвинувањата за политички мотивирани одлуки.
Истражувањето на „Еурактив“, се темели на финансиски документи и разговори со 14 сегашни и поранешни вработени во телевизиската мрежа. Во фокусот е прашањето дали медиумот, создаден како европска алтернатива на американскиот Си-ен-ен, ја зачувал својата независност додека ги проширувал деловните партнерства со политички влијателни кругови.
Централна фигура во истражувањето е португалскиот инвеститор Педро Варгас Давид, претседател на „Еуроњуз“ и раководител на инвестициската компанија „Алпак капитал“, која во 2022 година ја презеде европската телевизиска мрежа.
Според истражувањето, преземањето било финансиски поддржано од лице поврзано со политичкиот круг на Орбан. Давид претходно учествувал и во преземањето на „Водафон Унгарија“, трансакција што аналитичарите ја поврзуваат со настојувањата на тогашната унгарска власт да го зајакне влијанието во телекомуникацискиот и медиумскиот сектор.
Неговиот татко, Марио Давид, поранешен португалски европратеник, има долгогодишни политички врски со Орбан, но и со Александар Вучиќ. Односите со Вучиќ ги потврдил и неговиот портпарол, наведувајќи дека двајцата се познаваат преку Европската народна партија.
Внимание привлекол и самитот на „Еуроњуз“ за проширувањето на Европската Унија во Брисел, каде што Вучиќ бил интервјуиран без прашања за масовните протести во Србија и критиките за демократските стандарди. Наместо тоа, разговорот започнал со прашање дали тој сè уште се смета за убеден Европеец.
За време на интервјуто Вучиќ го споменал своето пријателство со Марио Давид, чиј син седел во првиот ред. Авторите на истражувањето го наведуваат овој пример како повод за преиспитување на границата меѓу личните политички контакти и уредувачките одлуки.
Сомнежите за политичко влијание особено се засилиле во српската редакција на телевизијата.
„Еуроњуз Србија“ започна со работа во 2021 година преку партнерство со „Телеком Србија“, компанија во претежно државна сопственост. Проектот бил претставен како можност европските новинарски стандарди да се пренесат на српскиот медиумски пазар.
Но, поранешни вработени тврдат дека уредувачката независност постепено слабела.
„Ни беше кажано да не заборавиме кој нè плаќа“, изјавил поранешен продуцент за истражувачите на „Еурактив“.
Како пресвртница се посочува 2023 година, кога Миња Милетиќ ја презела функцијата регионална директорка. Тензиите особено се продлабочиле во април 2025 година, за време на протестите против тогашната српска власт.
Речиси 80 вработени потпишале отворено писмо во кое се оградиле од соопштение на раководството во врска со блокадата на Радио-телевизија Србија. Новинарите тврделе дека соопштението било објавено без нивна согласност.
Дел од потписниците подоцна добиле откази. Новинарските организации оцениле дека станува збор за одмазда поради нивното јавно спротивставување на раководството.
Меѓу случаите е и отпуштањето на новинарката Марија Шехиќ, кое предизвикало реакции во новинарската заедница.
Милетиќ ги отфрлила обвинувањата дека отпуштањата биле политички мотивирани, објаснувајќи дека биле дел од поширока организациска реформа. И „Телеком Србија“ негирал вмешаност во уредувачката политика на телевизијата.
Поранешни новинари изјавиле дека очекувале централата на „Еуроњуз“ да интервенира во случај на политички притисок, но според нивните сведоштва, таква заштита не добиле.
Проблемите не биле ограничени само на српската редакција. Група од 48 вработени во европската мрежа испратила анонимно писмо до Педро Варгас Давид, во кое предупредила на мешање во новинарската работа, одложување на објавувањето вести и самоцензура.
Според нив, ваквите практики ја загрозуваат професионалната независност и довербата во медиумот.
Истражувањето го отвора и прашањето за европското финансирање на „Еуроњуз“. Европската комисија ја контролира наменската употреба на средствата и содржините финансирани преку европски договори, но не врши целосен надзор врз сопственичките односи и уредувачката политика на телевизијата.
Австрискиот европратеник Хелмут Брандштетер побарал поголема транспарентност на сопственоста, финансирањето и формални гаранции за независноста на новинарите.
Во меѓувреме, „Алпак капитал“ се појави и во процесот на преземање на медиумите на „Јунајтед груп“ во Србија и регионот, меѓу кои Н1, ТВ Нова, „Радар“ и „Данас“. Ваквото проширување дополнително го зголемува значењето на прашањето кој управува со медиумите и какви гаранции постојат за независноста на редакциите.
Портпаролот на Вучиќ ги отфрлил тврдењата за политичко мешање во работата на „Еуроњуз“, додека управата на европската телевизиска мрежа не одговорила на повеќекратните барања за коментар упатени од истражувачите.
Истражувањето не утврдува дека сите уредувачки одлуки биле политички диригирани, но документира сопственички врски, сведоштва за притисоци и конфликти во редакциите што ја доведуваат во прашање независноста на еден од најпрепознатливите европски информативни брендови.

