Претставници на светската и европската фудбалска куќа во среда пристигнуваат во Белград со конкретна задача – надминување на длабоката организациска и правна криза во Фудбалскиот сојуз на Србија.
Шестчлена делегација составена од по тројца претставници на ФИФА и УЕФА, специјализирани за решавање кризни состојби, ќе одржи итни состаноци со раководството на ФСС, Заедницата на клубови и другите релевантни фудбалски чинители. Целта на мисијата е да се скенира состојбата на терен и веднаш да се понуди правен модел за излез од институционалниот ќорсокак.
Меѓу клучните членови на делегацијата е Лука Никола, поранешен функционер на УЕФА и актуелен директор за управување во ФИФА, кој со години одблиску ги следи случувањата во српскиот фудбал.
Емисарите од Цирих и Нион треба да ги дефинираат моделите за надминување на кризата пред закажаната седница на Собранието на ФСС на 14 ноември, која засега останува во предвидениот термин. Посебен фокус ќе биде ставен на правниот статус и валидноста на мандатите на собраниските делегати и комисиите конституирани во 2022 година.
Одлуките и насоките од ФИФА и УЕФА за идните чекори и раководењето со српската фудбалска куќа се очекуваат веднаш по завршувањето на разговорите во Белград.

