РТС Србија: По долго време работиме без политички притисок

Новинарите на Радио-телевизија Србија можат самостојно и професионално да ја извршуваат својата работа, без политички притисоци, изјави вршителот на должноста главен уредник на Информативната програма, Боривое Ускоковиќ. На редакциски состанок денес тој оцени дека јавниот сервис првпат во својата историја ја создава информативната програма без влијание од носителите на власта.

„Сите сме под лупа“, им порача Ускоковиќ на вработените, повикувајќи ги „да покажете дека сте професионалци“. Според неговото обраќање, сегашниот простор за слободно работење треба да се искористи за воспоставување трајни професионални стандарди.

Изјавата доаѓа по значителните кадровски промени во јавниот сервис. На 29 октомври, РТС објави дека Ускоковиќ сменил повеќе уредници на редакции, како и уредниците на централниот Дневник во 19.30 часот. Претходно, Мања Грчиќ поднела оставка од функцијата генерален директор, откако ја разрешила Бојана Млаѓеновиќ од раководењето со Информативната програма и го предложила Ускоковиќ за нејзин наследник

Ускоковиќ тврди дека РТС постепено ја враќа довербата на гледачите и дека расте интересот за телевизиската програма и порталот. Финансиската состојба ја оцени како стабилна и најави реализација на планираните проекти.

Тој побарал од раководството да ги утврди околностите под кои Вукашин Катиќ бил вработен во РТС и да најде законска основа за раскинување на неговиот договор. Барањето го образложил со потребата да се заштити угледот на јавниот сервис.

За состојбата во РТС денес разговарале и претставници на мисијата на ОБСЕ во Србија. Тие се сретнале со Ускоковиќ и неговиот тим, но и со претставници на синдикатите и вработените. Теми биле работењето во преодниот период по изборите од 25 октомври и тешкотиите со кои се соочува јавниот сервис. Договорено било интензивирање на соработката.

Во меѓувреме, во подкастот „Аналогија“ на РТС, професорката Александра Крстиќ предупреди дека промената на гостите во емисиите сама по себе не претставува реформа. Според неа, независноста зависи и од тоа кој ги избира темите, како се носат уредувачките одлуки и каква заштита имаат новинарите кога се изложени на притисоци.

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој дел од системот е најодговорен за убиствата на жени?