Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Прва седница на Советот за општи работи на ЕУ под новото шпанско претседавање

Приоритетите на шпанското претседателство со ЕУ, среднорочната ревизија на Буџетот на Унијата, Годишниот извештај на Комисијата за владеење на правото и претстојната евалуација на годишниот дијалог на Советот за владеење на правото, ќе бидат главните точки на денешната седница на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ во Брисел.

Според најавата, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, на седницата шпанското претседателство ќе ги презентира приоритетите на својот мандат, кои меѓу останатото опфаќаат „реиндустријализација на ЕУ“ и обезбедување нејзината стратешка автономија, напредок во спроведувањето на зелената транзиција и заштитата на животната средина, промоција на поголема социјална и економска правда и зајакнување на европското единство, по што ќе следи дискусија на министрите учесници на заседанието.

Покрај ова, ГАК ќе расправа и за политиката за среднорочна ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 година, а ќе бидат презентирани и плановите на Шпанија во својство на претседавач за евалуацијата на годишниот дијалог на Советот за владеење на правото.

Министрите ќе го разгледаат и Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото во ЕУ за 2023 година, како и нејзиниот предлог за формирање на Меѓуинституционално тело за етика.

Во рамките на ГАК, меѓу останатото, ќе се разгледуваат и неколку договори меѓу ЕУ и трети земји, планот за пристапување на Унијата кон Меѓународната рамка за управување со хемикалии и отпад, како и Одлуката за обезбедување макрофинансиска помош за Северна Македонија.

Со седницата на ГАК ќе претседава шпанскиот државен секретар за Европската Унија, Паскуал Игнасио Наваро Риос.

Предвидено е за време на работниот ручек, потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за меѓуинституционална соработка Марош Шефчович да го презентира Стратешкиот извештај на ЕК за 2023 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен