Првиот ден од надзорната расправа за Алта банка во Собранието заврши, но надзорот врз одговорноста не смее да заврши со неа. После серија собраниски надмудрувања, на крај сепак не се утврди кој ја проверил подобноста на купувачот и кој ќе ја преземе одговорноста за Алта банка? Девет анализи на Рацин.мк ги откриваат противречностите меѓу изјавите на премиерот, министерката за финансии и гувернерот, но и неодговорените прашања за потеклото на капиталот, разузнавачките информации и законитоста на најавената продажба
Премиерот покажува записник од 2023 година, министерката за финансии се оградува од одговорноста, гувернерот зборува во множина, а владините документи откриваат одлуки што тешко се вклопуваат во нивните објаснувања. Финансиското разузнавање е повикано да објасни што утврдило за потеклото на парите, додека од Агенцијата за разузнавање се бара одговор дали имала сознанија за можни безбедносни ризици и контакти на инвеститорот.
Секој има своја верзија за Алта банка, но кога изјавите ќе се споредат со документите, останува нејасно кој ја кажува целата вистина?
Деветте анализи што Рацин.мк ги објави по надзорната расправа во Собранието откриваат противречности, премолчени информации и прашања на кои јавноста сè уште нема одговор. Од улогата на премиерот Христијан Мицкоски и министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, преку одлуките на гувернерот Трајко Славески, до проверката на српскиот инвеститор, улогата на безбедносните институции и законитоста на најавената продажба на акциите во Стопанска банка Битола.
Зад политичкото префрлање на одговорноста стои конкретна законска обврска. Пред да одобри стекнување квалификувано учество во банка, Народната банка мора да ја оцени подобноста и репутацијата на купувачот, неговата финансиска состојба и ризиците поврзани со финансирањето на преземањето.
Затоа, објаснувањето дека постапката била законска не е доволно без одговор што точно било проверено, какви ризици биле утврдени и врз основа на кои информации била донесена одлуката.
Мицкоски ја бара одговорноста во 2023 година, но одлуките се од 2025
Премиерот Христијан Мицкоски на надзорната расправа се повика на документ од 2023 година, насочувајќи ја политичката одговорност за Алта банка кон претходната влада.
Но, документот се однесува на акции што македонската држава ги поседувала во банка во Белград, а не на регулаторното одобрување за преземање на Стопанска банка Битола.
Согласноста за преземањето е издадена на 1 септември 2025 година, кога Мицкоски веќе бил премиер. Само 22 дена подоцна, на 23 септември, неговата Влада донела заклучоци поврзани со понудата на Алта банка до 16 јавни институции и претпријатија.
Документ од 2023 година не може да биде одговор за тоа што правеле институциите во 2025 година.
Кочоска се оградува, но записникот го носи нејзиниот предлог
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска тврди дека Министерството немало улога во одобрувањето на преземањето и ја посочува Народната банка како надлежна институција.
Тоа е точно кога станува збор за регулаторната согласност. Но, владин записник од 23 септември 2025 година покажува дека, на нејзин предлог, Владата донела заклучоци со кои 16 јавни субјекти биле повикани да ја разгледаат понудата на Алта банка и, доколку не постојат законски пречки, да достават писмени изјави за прифаќање.
Записникот не докажува дека министерката го одобрила преземањето, ниту дека сите институции ги продале акциите. Но, потврдува дека Владата имала документирана улога во постапувањето со понудата.
Кои од тие 16 институции ги продале акциите, по која цена и врз основа на каква процена на јавниот интерес? Без овие одговори, сликата за улогата на Владата останува нецелосна.
Славески зборува во множина, но законските обврски се јасни
Гувернерот Трајко Славески потврди дека се консултирал со премиерот за влезот на Алта банка, а на надзорната расправа одлуките ги објаснуваше преку институционалното „ние“.
Но, Законот за банките не ја сведува улогата на Народната банка на формално издавање согласност.
Одредбите за стекнување квалификувано учество предвидуваат оценување на репутацијата и подобноста на стекнувачот, неговата финансиска состојба, способноста на банката да продолжи да ги исполнува регулаторните барања и ризиците поврзани со перење пари и финансирање тероризам. Во таа процена се релевантни и информациите за потеклото и законитоста на средствата со кои се финансира преземањето.
Оттука произлегува суштинското прашање: што точно проверила Народната банка пред да даде согласност за српскиот инвеститор?
Дали ја анализирала финансиската состојба на Алта банка Белград? Дали ги проверила сопственичката структура, изворите на финансирање и евентуалните регулаторни ризици? Дали располагала со информации од странските супервизорски органи?
Славески пред пратениците изјави дека Народната банка го искористила тримесечниот рок за разгледување на барањето и дека проверките биле спроведени на четири нивоа во институцијата. Според неговото сведочење, документацијата не укажувала на пречки за давање согласност.
Но, ако сите проверки биле направени, јавноста има право да добие објаснување за нивните резултати, во рамките на законските ограничувања за доверливите супервизорски информации.
Колективното одлучување не ја укинува институционалната одговорност, а консултацијата со премиерот не може да ја замени законската процена на инвеститорот.
Кој навистина стои зад парите на Алта банка?
Пратеничката Сања Лукаревска отвори прашање што директно се поврзува со законските обврски на Народната банка: дали бил проверен вистинскиот сопственик на капиталот и неговото потекло?
Дополнителни дилеми отвораат претходните постапки на австрискиот финансиски регулатор поврзани со Алта пеј груп и Адико банка.
Во септември 2024 година, австрискиот регулатор ја казнил Алта пеј груп со 154.560 евра поради задоцнето пријавување на надминатите прагови за сопственички удел и гласачки права во Адико банка.
Оваа санкција сама по себе не докажува незаконитост при преземањето во Македонија. Но, отвора легитимно прашање дали информацијата била земена предвид при оценувањето на репутацијата и подобноста на инвеститорот.
Ако законот бара проверка на купувачот, неговата финансиска состојба и ризиците поврзани со капиталот, јавноста има право да знае како инвеститорот ја поминал таа проверка.
Особено сега, кога српската банка остана без дозвола за работа, а македонската се соочува со последиците.
Спасовски прашува што утврдило Финансиското разузнавање за парите на Алта банка
Пратеникот Оливер Спасовски отвори уште едно прашање што директно ја поврзува одговорноста на Народната банка со Управата за финансиско разузнавање: што утврдила Управата за потеклото на парите со кои Алта банка Белград ја презеде Стопанска банка Битола?
Спасовски се повика на сведочењето на гувернерот Трајко Славески, кој пред пратениците тврдеше дека Народната банка прибавила позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои и од Управата за финансиско разузнавање.
Токму затоа, Спасовски побара да се утврди кога Народната банка ги побарала проверките, кои лица биле опфатени, врз основа на кои податоци било изготвено мислењето и што Управата му соопштила на гувернерот пред да се одобри преземањето.
Пратеникот посочи дека е важно да се утврди со какви финансиски средства располагаат инвеститорите што влегуваат во државата и кое е нивното потекло.
Ова прашање добива дополнителна тежина поради претходната санкција на австрискиот финансиски регулатор кон Алта пеј груп, на која Спасовски исто така се осврна во расправата.
Ако Управата за финансиско разузнавање дала позитивно мислење, јавноста има право да знае што точно било предмет на проверката и врз основа на кои информации било донесено тоа мислење.
Ако Народната банка се повикува на позитивното мислење како дел од оправдувањето на својата одлука, тогаш треба да објасни како го оценила и каква тежина му дала при одобрувањето на преземањето.
Од јавно достапните документи засега не може да се утврди што точно констатирала Управата за финансиско разузнавање и какви информации доставила до Народната банка.
Прашањето веќе не е само кој ја одобрил Алта банка, туку и кој проверил од каде доаѓаат парите и што им соопштил на оние што ја донеле конечната одлука.
Петровска прашува дали разузнавањето знаело за ризици и контакти на Мацура
Пратеничката Славјанка Петровска побара од Агенцијата за разузнавање одговор дали располагала со информации за можни безбедносни ризици поврзани со Алта банка пред случајот да стане предмет на јавна дебата.
Прашањата се однесуваа на можни ризици за политичката и економската стабилност, како и на евентуални трансакции кон земји под санкции.
Петровска побара да се утврди дали Агенцијата имала такви сознанија и дали за нив биле известени Владата или други надлежни институции.
Дополнително, таа праша дали постојат потврдени или непотврдени информации за можни контакти на Давор Мацура во текот на 2026 година со лица од политичките партии, бизнисот и медиумите во Македонија, директно или преку посредници.
Овие прашања не докажуваат дека постоеле незаконски контакти, сомнителни трансакции или политичко влијание. Но, отвораат дилема дали државните институции располагале со релевантни информации и дали навремено ги разменувале.
Агенцијата за разузнавање нема регулаторна надлежност за одобрување банкарски преземања. Но, доколку располагала со сознанија за ризици што биле релевантни за надлежните институции, важно е да се утврди кому и кога биле доставени.
Така, прашањата на Спасовски и Петровска отвораат две различни, но поврзани линии на институционална одговорност.
Финансиското разузнавање треба да објасни што утврдило за капиталот и лицата зад него, а Агенцијата за разузнавање дали располагала со информации за можни безбедносни ризици и дали ги доставила до надлежните.
Премиерот најавува продажба, но кој има право да ги продава акциите?
Додека одговорноста за преземањето останува неразјаснета, Мицкоски веќе најавува берзанска аукција кон крајот на ноември или почетокот на декември.
Но, Алта банка Белград, која според решението на Народната банка од 1 ноември поседува 95,336 проценти од акциите во банката во Битола, е во стечај.
Повлекувањето на согласноста за квалификувано учество не значи автоматско одземање на сопственоста. Законот за банките предвидува посебна постапка за продажба на акциите, со утврдени услови, рокови и овластувања.
Затоа, клучно е да се утврди дали српскиот стечаен управник дал писмено овластување за продажба или Народната банка постапува според законскиот механизам за продажба во име на акционерот.
Членот 137 од Законот за банките предвидува постапка во која, доколку не биде доставено потребното овластување, Извршниот одбор може да донесе решение за продажба на акциите во име на акционерот, по претходно преземање на законски утврдените мерки.
Дополнителна противречност отвора прашањето за цената. Премиерот зборуваше за шестмесечен просек, додека членот 138 од Законот за банките, за соодветната постапка на присилна продажба, предвидува тримесечен просек и алтернативна основа за утврдување на цената кога се исполнети законските услови.
Според која законска постапка ќе се спроведе најавената продажба, кој има овластување да ја спроведе и кој ја утврдува почетната цена?
Мицкоски не сакал да биде „воајер“, но граѓаните не сакаат да бидат неми набљудувачи
Во еден од највпечатливите моменти на расправата, премиерот изјави дека не седел настрана „како воајер“, објаснувајќи ја својата вклученост во барањето решение.
Но, токму таа изјава отвора нова противречност.
Ако премиерот бил активно вклучен во барањето решение, ако гувернерот се консултирал со него, а Владата донесувала заклучоци поврзани со акциите, јавноста има право да знае каде завршувала политичката комуникација, а каде започнувало независното институционално одлучување.
Не е спорно дека премиерот може да биде информиран за состојбите во банкарскиот сектор. Спорно би било доколку политичките консултации влијаеле врз независните регулаторни процени.
За такво влијание засега нема утврден доказ. Но, токму затоа е неопходно јасно разграничување на улогите и одговорностите.
Девет анализи, многу објаснувања и ниту една целосна слика
Народната банка го одобрила преземањето. Гувернерот се консултирал со премиерот. Владата постапувала по предлог на министерката за финансии. Јавни институции биле повикани да ја разгледаат понудата. Финансиското разузнавање, според сведочењето на гувернерот, било меѓу институциите од кои биле прибавени позитивни мислења. Во Собранието се отворија прашања и за можни разузнавачки сознанија и институционална размена на информации. Српската банка останала без дозвола за работа, а македонската завршила под привремена администрација.
Секој од овие факти има свое институционално објаснување. Но, ставени заедно, покажуваат дека случајот со Алта банка не може да се сведе на една одлука, една институција или еден записник од минатото.
Документите сами по себе не докажуваат кривична одговорност, ниту подоцнежниот финансиски колапс автоматски значи дека првичното одобрување било незаконско. Но, тоа не ги ослободува надлежните од обврската да објаснат какви проверки направиле, со какви информации располагале и врз основа на што одлучувале.
Прашањето веќе не е само кој манипулира за Алта банка, туку кој што знаел, кој што проверил, кој дал позитивно мислење, кој го одобрил преземањето и кој денес е подготвен да ја преземе одговорноста за сопствената одлука.
Додека функционерите си ја префрлаат одговорноста, граѓаните сè уште чекаат објаснување како инвеститор што ги поминал законските проверки во 2025 година, само една година подоцна се најде во центарот на банкарска криза.
Надзорната расправа заврши, но надзорот врз одговорноста не смее да заврши со неа.
Зашто, ако институциите тврдат дека сè било проверено, тогаш мора да објаснат што провериле. Ако располагале со предупредувања, мора да објаснат како постапиле. А ако се утврди дека проверките потфрлиле, јавноста има право да знае кој ќе одговара.

