Словенечката влада денес одобри предлог со кој граѓаните што примаат плата, пензија, стипендија или друг редовен приход би добиле бесплатна банкарска сметка со дебитна картичка и електронско банкарство. Предлогот предвидува и најмалку едно место за подигнување готовина во секоја општина. За законот допрва ќе одлучува словенечкиот парламент
Продавниците и другите даватели на услуги по правило би морале да примаат готовина и да овозможат барем еден електронски начин на плаќање, со предвидени исклучоци. Банките и другите кредитни институции би требало да обезбедат најмалку 95 отсто од жителите да имаат банкомат или друга готовинска точка на најмногу пет километри по пат од центарот на населеното место. На крајот на 2025 година таков пристап имале 91 отсто, според словенечки „Дневник“.
Словенија го впиша правото на користење готовина во Уставот во декември 2025 година. Со новиот предлог, пензионерите и ранливите групи би добиле и поширок пакет бесплатни трансакции. Здружението на банки ја поддржува достапноста на готовината, но предупредува на трошоците за одржување на мрежата и за бесплатните услуги. Во јавната расправа банките споменаа и можно уставно оспорување, пренесе 24ur.
Во Македонија веќе постои платежна сметка со основни функции. Законот го ограничува месечниот надоместок на 0,1 отсто од просечната нето-плата за претходните 12 месеци. За одредени корисници, меѓу кои приматели на социјална помош, детски додаток и ученички или студентски стипендии, основните услуги се без надоместок. Граѓаните можат да побараат и постојната сметка да им се претвори во основна кај истата банка, бесплатно и со задржување на бројот на сметката, доколку ги исполнуваат условите.
Разликата се гледа во тарифниците. НЛБ Банка од 1 октомври наведува 50 денари месечно за редовна денарска сметка со промет над 100 денари, додека сметката со основни функции ја води без надоместок. Во објавениот тарифник на Комерцијална банка, редовната сметка со промет е 40 денари, а основната 25 денари месечно. Трансферите кон друга банка и подигнувањето готовина од туѓ банкомат може да се наплаќаат посебно.
На крајот на 2025 година во Македонија имало 1.132 банкомати, наспроти 1.041 една година претходно. Податоците за крајот на 2024 година покажуваат колку нерамномерно биле распоредени. Во скопската општина Центар имало 243, а во Зелениково и Сопиште немало ниту еден. Со словенечкиот модел, покрај вкупниот број банкомати, би се мерело и колку жители можат да стигнат до место за подигнување готовина во рамките на пет километри.

