Вкупниот број странски студенти запишани на универзитетите во САД се намали за 9 отсто оваа есен во споредба со минатата година, покажуваат податоците од анкетата на Институтот за меѓународно образование (IIE) објавени во понеделник. Бројот на нови студенти кои првпат влегуваат во државата бележи пад од 15 отсто, додека интересот за постдипломски студии исто така опадна за 15 отсто.
Падот на запишани студенти од странство се случува во услови на заострена имиграциска политика и реформи во високото образование што ги спроведува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Истражувањето на Институтот за меѓународно образование опфати повеќе од 800 американски колеџи и универзитети, давајќи првичен пресек на трендовите за академската 2026/27 година пред објавувањето на целосните податоци следната година.
Најголем удар трпат постдипломските студии, каде што е регистриран пад од 15 отсто, додека на додипломските студии намалувањето изнесува 3 отсто. Податоците покажуваат и пад на бројот на студенти од Индија, земја од која традиционално доаѓаат најмногу странски студенти во САД.
Покрај намалувањето на уписите, за 6 отсто опадна и учеството во програмата за опциона практична обука (OPT), која им овозможува на дипломираните странски студенти привремено да работат во својата струка. Министерството за внатрешна безбедност (DHS) неодамна предложи универзитетите да плаќаат такса од 70.000 долари (63.583 евра) за секој студент вклучен во оваа програма. Иако правилото сè уште не е финализирано, 95 отсто од анкетираните високообразовни институции проценуваат дека студентите ќе заминат во други држави доколку се ограничат можностите за практична работа.
Американскиот секретар за внатрешна безбедност Марквејн Малин изјави дека регулаторните промени се наменети за затворање на законските дупки што странските студенти ги користеле за продолжување на престојот. Претходно летово администрацијата донесе правило со кое се забранува престој на странски студенти подолг од четири години без федерално одобрение, но федерален судија привремено ја блокираше таа мерка.
Анкетираните универзитети како главни причини за намалениот интерес ги посочуваат процесот за издавање визи (88 отсто) и рестрикциите за патување (70 отсто). Раководителката за истражување во IIE, Мирка Мартел, наведе дека врз одлуките на студентите влијаат и засилената глобална конкуренција, како и високите трошоци за студирање во САД.
Извршната директорка на здружението за меѓународно образование NAFSA, Фанта О, посочи дека студентите се загрижени и за финансирањето на научните истражувања, откако администрацијата минатата година почна да го менува системот за доделување федерални грантови. Според неа, младите се соочуваат со преголема неизвесност во САД и сè почесто избираат други дестинации, како што е Кина.
Економските последици од овој тренд веќе се чувствуваат. Заедничката анализа на NAFSA и компанијата JB International покажува дека придонесот на странските студенти во американската економија оваа есен се намалил за 2,4 милијарди долари (2,1 милијарди евра). Во академската 2025/26 година, повеќе од 1,1 милион странски студенти придонеле со речиси 56 милијарди долари во економијата на САД, според податоците на американското Министерство за трговија.
Дел од универзитетите пријавуваат сериозни буџетски загуби поради намалените приходи од школарини. На Државниот универзитет во Кливленд, бројот на странски студенти се намалил за 46 отсто во последните две години, паѓајќи од 1.542 во есента 2025 година на 828 оваа есен. Проректорот Нигамант Сридар информира дека годинава се запишале помалку од 50 нови странски студенти, што создава буџетски дефицит меѓу 2 и 4 милиони долари.
Главната правна советничка на Американското здружение на универзитетски професори, Вина Дубал, оцени дека пораките од Вашингтон создаваат чувство на несигурност кај семејствата ширум светот, поради што тие повеќе не се стремат да ги испраќаат своите деца на школување во САД.

