Синот на убиениот ирански нуклеарен научник: Техеран поседува технологија посилна од нуклеарна бомба

Хамед Фахризаде, син на убиениот ирански нуклеарен физичар Мохсен Фахризаде, изјави дека неговиот татко пред смртта тврдел оти Иран достигнал ниво на знаење во споредба со кое нуклеарната бомба изгледа како шега. Изјавата беше пренесена од повеќе ирански медиуми во момент кога во Техеран се водат дебати за можните насоки на иранската нуклеарна доктрина.

Хамед Фахризаде во јавен настап ги цитираше зборовите на својот татко Мохсен Фахризаде, кој важеше за главен архитект на иранската нуклеарна програма се до неговото убиство во ноември 2020 година во близина на Техеран. Според пренесеното сведоштво на неговиот син, иранскиот научник порачал дека земјата веќе поседува знаење и технолошки капацитети во однос на кои класичното нуклеарно оружје претставува шега.

Снимката и транскриптот од изјавата ги објавија иранската студентска новинска мрежа СНН и повеќе информативни портали, повикувајќи се на извештаите на агенцијата Тасним. Во изјавата не се наведуваат конкретни технички детали, ниту се прецизира за каков вид научен или одбранбен развој станува збор.

Мохсен Фахризаде беше висок офицер во Иранската револуционерна гарда и раководител на Организацијата за одбранбени иновации и истражувања при иранското Министерство за одбрана. Западните разузнавачки служби и Меѓународната агенција за атомска енергија со години го означуваа како водечка фигура зад поранешниот ирански проект за развој на нуклеарно оружје, познат како проект Амад, додека властите во Техеран постојано тврдеа дека нивната нуклеарна програма има исклучиво цивилна намена.

Официјален Техеран за атентатот врз Фахризаде во 2020 година го обвини Израел, наведувајќи дека нападот бил изведен со далечински управувано оружје. По неговата смрт, иранскиот парламент усвои закон со кој се забрза збогатувањето ураниум и се ограничија инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Објавувањето на изјавата на Хамед Фахризаде се совпаѓа со зачестените јавни расправи меѓу иранските политичари и пратеници околу евентуалното преиспитување на официјалната нуклеарна доктрина на Иран, која се темели на верски декрет против производството и употребата на оружје за масовно уништување.

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој најмногу придонесува говорот на омраза да стане нормална појава во Македонија?