Покрај патиштата, на нивите, на влезовите од селата и во самите населени места – дивите депонии со години се дел од сликата на Полошкиот Регион. На една локација купишта комунален отпад, на друга градежен шут, а меѓу расфрланото ѓубре и пцовисани животни. Особено загрижува што дел од купиштата смет настанале токму на локациите што комуналните претпријатија ги користеле за претовар.
Автори: Зоран Димовски* и Лејла Беќири**
Комунален отпад, градежен шут и пцовисани животни. Честа слика низ Полошкиот Регион. Честа слика и во месноста Коризе во Нераште, од северниот дел на Полог, каде што ја почнуваме оваа приказна. Купиштата смет се дел од поширокиот проблем што „Локал Актив“ го документираше со теренски посети, фотографии, снимки и сведоштва низ тетовско-гостиварскиот крај.
Од Нераште, преку локациите меѓу Доброште и Глоѓи и покрај патот Јегуновце – Пршовце, па кон Тетово, Фалише и Желино, отпадот се појавува покрај патишта, ниви и населени места. Нашата „прошетка“ по депониите завршува во Русино, регионалната депонија каде што треба да завршува организирано собраниот комунален отпад.
Во должина на оваа линија се повторуваат две состојби: на дел од местата недостига функционална услуга за собирање смет, а на други отпадот повторно се натрупува и по расчистувањето. Посебен проблем се локациите што самите комунални служби ги користеле за претовар, а на кои останале големи количества смет.
Нераште: Лекции за екологија, отпад во околината
Во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Нераште учениците учат за заштита на животната средина, додека во околината на нивното населено место се создаваат диви депонии.
Абдула Џафери, педагог во училиштето, смета дека еколошкото образование мора да биде придружено со услови за правилно одлагање на отпадот. Тој посочува дека се потребни редовно собирање, доволен број контејнери и организирана услуга за кабаст отпад.
„Полог не може да биде место каде секој го фрла отпадот каде што ќе му текне. Чистотата е култура и граѓанска одговорност“, нагласува Џафери.
Според него, обврските се заемни: граѓаните да ги користат определените места, а комуналните претпријатија да обезбедат редовно преземање на сметот.
Доброште, Глоѓи и патот Јегуновце – Пршовце: Депонии надвор од селските улици
Следните документирани локации се меѓу Доброште и Глоѓи и покрај патот Јегуновце – Пршовце. Отпадот на овие места покажува дека чистотата во самото населено место не ја дава целосната слика за неговото управување со сметот.
Речиси во сите атари на селата под Општина Теарце има мали, но и поголеми диви депонии. Општината засега нема сериозни чекори за расчистување на депониите. Наместо решенија и акции, локалната самоуправа ги брои депониите и прави пресметки колку количини смет има собрано.
„Полог не може да биде место каде секој го фрла отпадот каде што ќе му текне. Чистотата е култура и граѓанска одговорност“, Абдула Џафери, педагог во ОУ „Исмаил Ќемали“ – Нераште
Нивните процени се дека има дванаесет диви депонии во девет населени места во општината. Велат дека на овие локации се наталожени околу 172.500 кубни метри отпад, претежно инертен. Во изминатите три години делумно биле санирани три локации, но отпадот не бил отстранет – бил израмнет и покриен со земја.
„Во Слатино, Теарце и Доброште се евидентирани по две локации со диви депонии, а во Непроштено, Лешок, Пршовце, Глоѓи, Одри и Нераште по една. Овие податоци служат како основа за утврдување на приоритетите за преземање мерки за чистење, санација и спречување на незаконското фрлање отпад“, наведуваат од Општина Теарце.
Во општината нема собирни пунктови за кабаст отпад. За спречување на незаконското одлагање, Општина Теарце и комуналниот инспекторат поставиле табли со натпис „Забрането фрлање отпад“. За периодов што следува најавуваат акции за чистење на отпадот.
„Евидентираните локации за отпад ќе станат предмет на идни активности за чистење и санација, во согласност со финансиските и оперативните можности на Општината. Во моментов, Општината нема посебен акциски план за чистење на дивите депонии, со утврдени временски рокови и буџет“, одговараат од Општината.
Според нив, комуналниот инспекторат редовно врши надзор во врска со незаконското фрлање отпад и состојбата на загадените локации, а во последните две години биле изречени две казни на лица затекнати како фрлаат отпад на соодветните локации.

И Желино чисти, но отпадот повторно се враќа
Дека расчистувањето не значи и решавање на проблемот, потврдува Општина Желино. Оттаму наведуваат дека повеќето исчистени локации повторно се затрупуваат со смет.
Меѓу нив е и просторот над караулата Еребино, покрај патот Желино – Сиричино – долгогодишна црна еколошка точка во овој дел од Полог.

Општината тврди дека ги чисти евидентираните локации и врши контроли за да ги идентификува лицата што незаконски фрлаат отпад. Како тешкотија наведуваат дека тоа често се случува навечер или за време на викендите.
Во доставениот одговор нема конкретен број изречени казни, ниту рок за решавање на проблемот, кој Општината го опишува како континуиран процес.
Младинскиот активист Лорин Дервиши, основач и координатор на неформалната група „Гласна младина“, смета дека повторувањето на ваквите слики носи опасност загадувањето да стане прифатен дел од секојдневието.
Според него, кај младите постои свест за животната средина, но и чувство дека поединечниот ангажман не носи конкретни промени кога институционалната реакција изостанува.
„Проблемот не се решава само со чистење на површината. Ако по неколку недели таа повторно се врати во истата состојба, тогаш сме ја третирале само последицата, а не причината“, вели Дервиши.
Над рамнината: Отпад и во заштитеното подрачје на Шара
Проблемот продолжува и над полошките населби, во Националниот парк „Шар Планина“. Претставник на Јавната установа „Национален парк Шар Планина“ наведува дека во околината на речиси сите дваесетина населени села во границите на Националниот парк има локации на кои се одлага отпад. Како проблематични ги посочуваат Ново Село и Вејце, како и пооддалечените Ѓермо, Бозовце, Вешала и Бродец. Отпад има и во туристичките и викенд-локациите, меѓу кои Попова Шапка, Корита, Љуботен и Три Води.
Покрај комуналниот отпад, Паркот предупредува и на исфрлањето градежен шут, во услови на зголемен интерес за туризам и реновирање објекти.
„Со волонтерски акции можеме да исчистиме одредена локација, но доколку не постои организирано собирање и транспорт, таа многу брзо повторно станува депонија“, наведуваат од Националниот парк.
„Со волонтерски акции можеме да исчистиме одредена локација, но доколку не постои организирано собирање и транспорт, таа многу брзо повторно станува депонија“, Национален парк „Шар Планина“
Оттаму објаснуваат дека немаат механизација и кадар за редовно собирање отпад. Од општините бараат функционални комунални услуги, а од инспекциските служби поактивни теренски контроли.
Собирањето во шарпланинските села под Општина Тетово го оценуваат како значаен чекор. За Боговиње наведуваат дека системот е делумно воспоставен, но депониите покрај патиштата покажуваат дека не функционира целосно.
На Попова Шапка, покрај цврстиот отпад, останува и проблемот со отпадните води, за кои нема целосно функционален систем за собирање и пречистување.
„Нашата цел не е постојано да ги чистиме истите депонии, туку да ги отстраниме причините за нивното создавање и да спречиме загадување на водите“, порачуваат од Јавната установа „Национален парк Шар Планина“.
Метин Муареми: Чисто село не значи дека отпадот е решен
Граѓанскиот активист Метин Муареми предупредува дека депониите низ Шара ја нагрдуваат природата и го поткопуваат туристичкиот потенцијал на регионот.
Како клучни причини ги посочува слабата координација меѓу институциите, недостигот од организирано собирање и отсуството на основни услови во дел од селата.
Според него, има населби без контејнери, чии жители велат дека би ги користеле доколку им бидат обезбедени. Тоа не го оправдува незаконското фрлање, нагласува Муареми, но покажува дека институциите мора да обезбедат функционална услуга.
„Чистите селски улици не се доволен доказ за добро управување со отпадот. Ако сметот се изнесува до првата ливада, дол или општинска граница, проблемот е преместен, а не решен“, тврди Муареми.
Тој бара поголема инспекциска контрола и врз фирмите и угостителските објекти. Посочува примери со само една канта или еден контејнер за еден угостителски објект и прашува дали тој капацитет одговара на количеството што го создаваат.
„Една канта сама по себе не докажува прекршување. Но, несоодветниот капацитет е причина инспекцијата да провери колку отпад создава објектот, колку често се презема и кому се предава остатокот“, вели Муареми.
Тој смета дека се потребни повеќе инспектори, организирани места за собирање и повисок политички приоритет за животната средина.
Претоварните станици – од комунално решение до планини од смет
Додека низ руралните општини никнуваат диви депонии, во Тетово дел од големите купишта смет настанале на локации што ги користеле самите комунални служби.
Просторите за претовар треба да овозможат отпадот од помалите возила да се префрли во поголеми возила и да продолжи кон депонијата. Во тетовскиот случај, низ годините привремениот престој на сметот прераснувал во илјадници тони отпад на несоодветни локации.
Еден од највпечатливите примери е локацијата во атарот на Фалише. При посетата на „Локал Актив“, таму се претовараше кабаст отпад, но имаше и илјадници тони комунален отпад што сè уште не е расчистен.

Земјоделците што ги затекнавме во околината велат дека ваквата состојба ги одвраќа од обработување на земјоделските парцели.
Еден од нив го опишува земјиштето како исклучително плодно, со Вардар во близина и Шара над него, но предупредува дека отпадот одложен директно на земја создава опасност за почвата, за воздухот и за подземните води.
Нивното сведоштво ја покажува непосредната последица: сомнежот во безбедноста на производството и загубената доверба во земјиштето.

Од Општина Тетово не даваат одговор дали планираат да ја расчистат локацијата со илјадници тони отпад и дали планираат да изнајдат решение за нова претоварна станица што би работела според еколошките норми. Наместо одговор на овие прашања, тие се пофалија со активности на општинскиот инспекторат околу незаконското фрлање на смет.
Велат дека извршиле повеќе од 100 инспекциски контроли за незаконско одлагање отпад во последните две години.
„На едно правно лице му е изречена глоба во износ од 18.000 евра, а изречени се и две глоби од по 800 евра. На физички лица им се изречени над 30 глоби, но истовремено се дадени и многубројни предупредувања и се спроведени едукативни мерки поради недоволната информираност на голем број граѓани“, наведуваат од Општина Тетово.
Жителите, пак, кои живеат во близина на претоварната станица во атарот на Фалише, реагираат на непријатната миризба од наталожениот отпад на претоварната станица и бараат нејзино расчистување. Додека Општина Тетово набројува казни за незаконско фрлање смет, тие се прашуваат кој ќе ја казни Општината за загадувањето на околината во која живеат.
„Општината ги казнува граѓаните што фрлаат смет, а кој ќе ја казни неа за ова што се случува на претоварната станица? Ние живееме тука и ја трпиме смрдеата. Нека го исчистат отпадот и нека преземат одговорност“, вели еден жител што живее во близина на претоварната станица.
Локациите се менуваат, проблемот останува
Претоварот на отпадот во Тетово со години се преместуваше: од близината на Железничката станица, преку влезот на градот, до простори во близина на Требош и Фалише.
На старите локации се повторуваа слични проблеми: отпад на земја, натрупување, реакции од жителите и барања за дислокација. Големиот пожар во 2017 година дополнително покажа какви последици може да има долгото задржување на сметот.
И поставувањето машина за претовар, која требаше да го намали контактот на отпадот со земјата, не го затвори проблемот. Дефектите и прекините во работењето повторно оставаа простор за натрупување смет.
Така, дислокацијата често се претставуваше како решение, иако во суштина се менуваше адресата на проблемот.
За неполни две години – 88 евидентирани пожари од горење отпад
Според податоците што ни ги доставија од Министерството за внатрешни работи, на подрачјето на Тетово и на Гостивар во 2025 година се евидентирани 52 пожари предизвикани од горење отпад и уште 36 пожари во 2026 година.
„На подрачјето на СВР Тетово и на ОВР Гостивар во периодот на 2025 и 2026 година се пријавени случаи на незаконско фрлање отпад или создавање неовластени локации за отпад, во 11 диви депонии. Во 2025 година се пријавени 52 пожари предизвикани од палење отпад и во ниеден случај не е утврден и не е санкциониран сторителот. Во 2026 година се пријавени вкупно 36 пожари предизвикани од палење отпад. Во периодот на 2025 и 2026 година, СВР Тетово и ОВР Гостивар поднеле две посебни известувања, во вид кривична пријава, против познат сторител за незаконско фрлање отпад и палење отпад“, наведуваат од МВР.
„Саубермахер“ собира двојно повеќе: Каде завршувал претходно несобраниот отпад?
Тетовскиот смет што долго време остануваше покрај контејнерите и јавните површини веќе трета година по ред го менаџира „Саубермахер“, словенечка компанија за управување со отпад, која има склучено договор за јавно-приватно партнерство (ЈПП) со Општина Тетово. Сликата на терен кажува дека во Тетово е направен исчекор кон поорганизирана услуга, а јавните површини се многу почисти, а контејнерите празни. Двојно поголемото количество собран отпад е важен показател за зголемениот опфат.
„Општината ги казнува граѓаните што фрлаат смет, а кој ќе ја казни неа за ова што се случува на претоварната станица? Ние живееме тука и ја трпиме смрдеата. Нека го исчистат отпадот и нека преземат одговорност“, Жител во близина на претоварната станица во с. Фалише
Според податоците што ги посочува претпријатието, повикувајќи се на Државниот завод за статистика, во 2023 година на територијата на Општина Тетово биле собрани околу 17.000 тони отпад. За 2024 година, компанијата јавно објавила повеќе од 34.000 тони собран комунален отпад.
Подобро организираното собирање придонесува за почисто Тетово. Но, овие бројки истовремено отвораат прашање за претходниот систем: каде завршувал отпадот што тогаш не бил опфатен со редовната услуга?
Од „Саубермахер“ велат дека и натаму користат привремено решение за претовар, бидејќи Општината не им обезбедила соодветна претоварна станица.
Од претпријатието посочуваат дека собираат отпад и во шарските села што ѝ припаѓаат на Општина Тетово. За териториите на другите општини немаат договор, па таму не можат да ја преземат услугата.
Според нив, градот и селата не можат да се третираат одвоено: ако отпадот не се собира во селата, може да заврши во градските контејнери или на непрописни локации. Но, предупредуваат дека во дел од планинските населби наплатата е слаба или отсуствува, што ја загрозува одржливоста на услугата. Велат дека при преземањето затекнале наплата од околу 17 % и дека таа е подобрена и достигнува над 40 %, но сепак не е доволна за долгогодишна одржливост на претпријатието. Наведуваат дека започнале нотарски постапки, но дека настојуваат преку апели, подобра услуга и враќање на довербата да ги поттикнат граѓаните да плаќаат.
Колку отпад создава Полог, а колку стигнува во Русино?
Според поновото издание на извештајот „What a Waste 3.0“ на Светската банка, глобално се создаваат просечно 0,88 килограми комунален отпад дневно по жител. Количествата се разликуваат меѓу земјите и регионите.
Ако за ориентир се земе заокружена претпоставка од еден килограм дневно по жител, за Полошкиот Регион со околу 250 илјади жители се добиваат приближно 90 илјади тони создаден отпад годишно.
Од претпријатието „Русино Полог“, кое управува со регионалната депонија Русино каде што полошките општини го депонираат комуналниот отпад, наведуваат дека годишно се одлагаат околу 80.000 тони отпад.
Според оваа илустративна пресметка, разликата меѓу потенцијално создадениот и депонираниот отпад изнесува околу 10 илјади тони годишно.
„Проблемот не се решава само со чистење на површината. Ако по неколку недели таа повторно се врати во истата состојба, тогаш сме ја третирале само последицата, а не причината“Лорин Дервиши, „Гласна младина“
Дивите депонии документирани низ Полог потврдуваат дека голем дел од отпадот од полошките општини наместо во организиран систем во регионалната депонија во гостиварско Русино завршувал на локации создавајќи планини од отпад.
Русино: подобра механизација, но исцедокот чека целосно решение
Од „Русино Полог“, наведуваат дека набавката на нова механизација значително ја подобрила состојбата на депонијата и овозможила поефикасно управување со отпадот.
Оттаму тврдат дека работат во согласност со утврдените процедури и услови, и дека подобрената организација создава подобри услови за депонирање и намалување на негативното влијание врз животната средина.
Но, одговорот покажува дека важни инфраструктурни прашања сè уште не се целосно затворени.
За исцедокот од отпадот, тие наведуваат дека преземаат мерки за собирање, додека целосното решение е предвидено во втората фаза од проектот.
„Втората фаза е практично модернизација, систем за собирање и управување со депонискиот гас, решавање на исцедокот и рехабилитација на постојната депонија“, изјави Сазан Хорвати од претпријатието „Русино Полог“.
Од претпријатието додаваат и дека Министерството за животна средина објавило јавна набавка за претоварна станица во Тетово, во рамките на регионалниот проект поддржан од ЕБОР и СЕКО. Според нив, таму е предвидена и селекција, со цел да се намали количеството што ќе завршува во Русино.
Остануваат неодговорени прашањата кога најавената инфраструктура ќе стане функционална и што ќе се прави со проблематичните локации дотогаш.
Најави за рециклирање, а депонирањето останува поевтино
Блерим Сејдиу, претседател на Советот за развој на Полошкиот плански регион, посочува и за заинтересирани инвеститори и можност за фабрика за рециклирање за сметот од Полошкиот Регион.
Од „Саубермахер“ велат дека планираат рециклажен центар, но предупредуваат дека ниската цена на депонирањето ја намалува економската привлечност на преработката.
Како пример наведуваат трошок од околу 17 евра за обработка на еден тон, наспроти околу 11 евра за одлагање. Ако е најевтино отпадот само да се одложи, системот тешко создава поттик за вложување во селекција и обработка, велат од „Саубермахер“.
***
Патот по кој поминавме, од Нераште до Русино, ни покажа дека во Полог отпадот е сериозен проблем, за кој е потребно системско решение. Без редовно собирање, соодветни претоварни станици, контрола, инфраструктура и реален напредок во рециклирањето, дивите депонии нема да исчезнат, туку само ќе го менуваат обликот и локацијата. И додека учениците добиваат теоретски знаења за важноста од чистата животна средина, кога ќе погледнат низ школскиот прозорец, таму повторно ги чекаат купишта смет.
*Зоран Димовски е новинар
**Лејла Беќири е активистка од Тетово
***Преземено од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

