Полицијата би можела електронски да провери дали возилото има важечка регистрација и осигурување, дали е технички исправно и во која еколошка категорија спаѓа. Владата предлага секое возило во регистарот да добие налепница со електронски запис поврзан со неговото досие. Измените на Законот за возила се во собраниска постапка.
Налепниците би изгледале исто за сите возила. Зелената, жолтата и црвената еколошка категорија би се воделе во регистарот, а на самата налепница нема да бидат јавно видливи ниту категоријата ниту личните податоци на сопственикот. За отстранување, оштетување или префрлање на налепницата на друго возило е предложена глоба од 500 евра во денарска противвредност.
Предлогот предвидува и рок од три дена за пријавување промена на мобилниот број или на адресата за електронска пошта. Сопственикот би ги ажурирал податоците во овластена станица за технички преглед. За пропуштање на рокот е предвидена глоба од 100 евра во денарска противвредност.
Се заострува и надзорот врз станиците за технички преглед. Ако инспекцијата утврди неправилности, би можела да ѝ забрани на станицата да врши прегледи и да ѝ даде 30 дена да ги отстрани. Ако станицата не ги отстрани во тој рок, би го изгубила овластувањето.

