Сите 19 морнари од танкерот „Гас Хаски“ се спасени откако бродот потона во Црното Море, на околу 50 морски милји источно од бугарскиот град Бјала. Екипажот ја поминал ноќта на спасувачки сплав, од каде што со хеликоптер бил пренесен во Варна. Двајца морнари се во болница, а сите се во добра општа состојба, соопшти регионалниот управител на Варна, Марио Смрков.
Танкерот исчезнал од радарите малку по полноќ, а во 8.02 часот по локално време се активирала неговата пловка за итни сигнали. Бугарски воен авион го забележал сплавот откако морнарите испукале сигнална ракета. Бродот пловел под знамето на Либерија, од египетското пристаниште Александрија кон романското Мидија. Според бугарското Министерство за транспорт, превезувал 3.400 тони пропан-бутан.
Ова е второ потонување на брод во бугарската економска зона за два дена. Во понеделникот во истиот дел на Црното Море потона товарниот брод „Бетул 8“. Спасени беа сите 12 членови на неговиот екипаж. Морнарите од „Бетул 8“ изјавиле дека бродот бил погоден од морски дронови. Бугарските власти засега немаат објавено што го предизвикало потонувањето на „Гас Хаски“.

