Пелагонија ја храни државата, но никој систематски не ја испитува почвата околу Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“. Научните студии откриваат траги од тешки метали во околината, но колку е загадено земјоделското земјиште останува непознато.
Авторки: Жанета Здравковска* и Марта Кузманоска**
Пелагонија и Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) „Битола“ се двата столба на македонското стопанство. Едниот ја храни државата, другиот ѝ обезбедува електрична енергија. Но, РЕК, изграден пред 46 години среде најплодната житница во Македонија, покрај струјата, произведува и пепел и згура што содржат тешки метали.
Тие се одлагаат на отворена депонија и треба да се прекриваат со песок за атмосферските влијанија да не ја разнесуваат пепелта во околината. Од оџаците високи 250 метри во воздухот се испуштаат загадувачки материи, меѓу кои сулфур диоксид и прашина, додека на само неколку километри од термоелектраната се одгледува храна.
Колку енергетиката го загрозува земјоделството? Дали емисиите од РЕК ја загадуваат почвата и влијаат врз земјоделското производство? Ова прашање е особено важно за Пелагонија, која учествува со 29 проценти во бруто-додадената вредност во земјоделството во земјава.

Во околните пелагониски села, каде што земјоделството е главен извор на егзистенција, нивите се наоѓаат во непосредна близина на термоелектраната. Меѓу нив е и Добромири, чиишто полиња се оддалечени околу три километри од РЕК. Од нивите се шири поглед кон оџаците на РЕК.
Симе Стефановски (73) од Добромири се занимава со земјоделство откако знае за себе. Во дворот одгледува пиперки, не ги има заштитено со пластеник, па дел заболеле, но не може да утврди дали тоа има врска со загадувањето од РЕК „Битола“.
„Загадување има и за луѓето и за растенијата, секако кога РЕК е близу. Не се дише, прашина има многу. Таа се зафаќа и врз растенијата, но не можеме да измериме колку. Има и пепел од јагленот. Одгледувам сончоглед и пченица, но за да утврдиме колку се загадени, треба некаков специјален апарат. Не знаеме колку ни се загадени почвата и водите“, вели Стефановски.
Валентина Китановска веќе десет години одгледува тутун на ниви оддалечени околу три километри од РЕК „Битола“. Таа забележува намалени приноси и поголема потреба од прскање кај културите што ги одгледува на отворено.
„Не може да нема загадување, тоа не е можно. Она што паѓа на земјата, го прима и растението, преку коренот, стеблото и листот. Нормално дека ќе има последици и намален род. Ние го чувствуваме тоа, едноставно го дишеш, го живееш секој ден. И врз тутунот се зафаќа пепел. Одгледувам и сончоглед, пченица, пченка и градинарски култури. И кај нив се забележува влијанието. Во пластеник родот е подобар отколку на отворено, каде што мора многу повеќе да се прска, еден препарат врз друг, и така бесконечно. Но, гледаме да користиме што помалку препарати“, вели Китановска.

Опасна летечка прашина
Според Регионалната стопанска комора во Битола, регионот годишно произведува 100 000 тони жито и 30 000 тони тутун, а дневно се добиваат 200 000 литри млеко. Во 2025 година пелагониските ниви во градинарството дале и 98 637 тони пиперки, 35 675 тони компири, 18 676 тони кромид и 7 180 тони домати.
РЕК, од друга страна, обезбедува значаен дел од електричната енергија во државата, а без неговото производство Македонија би била уште позависна од увозот на струја. Истовремено, Комбинатот е меѓу најголемите загадувачи на животната средина во земјава. Според податоците на Министерството за животна средина, објавени во публикација на Државниот завод за статистика, има годишна емисија од 84 940 тони сулфурни оксиди и 3 030 тони вкупна прашина и други загадувачки супстанции.

Последиците од евентуалното загадување на почвата не се ограничуваат само на приносите. Професорот по географија Мите Ристов, претседател на Регионалното географско друштво „Геосфера“, кое ја истражува животната средина, објаснува дека присуството на тешки метали во почвата може да го забави растот на коренот, да ја наруши фотосинтезата и да го отежне усвојувањето на хранливите материи.
„Резултатот е помал принос и послаб квалитет на културите. Растенијата може да ги внесуваат металите во јадливите делови, а лиснатиот зеленчук и коренестите култури обично акумулираат поголеми количества. Тешките метали може да навлезат и во подземните води, а преку растенијата и животните да влезат во синџирот на исхрана и да се акумулираат во човечкиот организам. Кадмиумот, оловото, живата и арсенот се особено штетни за здравјето. Летечката прашина од согорувањето на јагленот може да навлезе длабоко во белите дробови и да предизвика различни респираторни заболувања“, вели Ристов.
Државата ја следи загаденоста на воздухот, но не и на земјиштето
Иако значителен дел од храната и млекото во Македонија се произведуваат во Пелагонија, нема понови истражувања што конкретно утврдуваат дали загадувањето од РЕК „Битола“ влијае врз плодната почва и земјоделските производи во околината на Комбинатот.
Последните истражувања, направени пред пет до десет години, се однесуваат на присуството на тешки метали во околината на РЕК и на Битола, но не даваат целосна слика за состојбата на земјоделските површини и за квалитетот на храната што се произведува таму.

Државата досега не обезбедила средства за детално истражување на почвата во земјоделскиот регион на Пелагонија. Досегашните испитувања најчесто ги спроведуваат професори и научници во соработка со невладини организации, со поддршка од меѓународни фондови.
Во Македонија постои државен мониторинг-систем за квалитетот на воздухот, под надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), кој ја опфаќа и Битола. Но, нема соодветен систем за непрекинато следење на квалитетот на почвата.
„Не може да нема загадување, тоа не е можно. Она што паѓа на земјата, го прима и растението преку коренот, стеблото и листот. Нормално дека ќе има последици и намален род. Ние го чувствуваме тоа, едноставно го дишеш, го живееш секој ден. И врз тутунот се зафаќа пепел. Одгледувам и сончоглед, пченица, пченка и градинарски култури. И кај нив се забележува влијанието. Во пластеник родот е подобар отколку на отворено, каде што мора многу повеќе да се прска, еден препарат врз друг, и така бесконечно. Но, гледаме да користиме што помалку препарати“Валентина Китановска, земјоделка
Дополнително, државата доцни со донесувањето на Законот за заштита на почвите, поради што сè уште нема јасно уреден систем на надлежности за мониторинг, спречување и санкционирање на загадувањето. Така, почвата од која се произведува храната останува без систематска контрола, а одговорноста на институциите за нејзината заштита е недоволно прецизирана.
Научниците утврдиле влијание на пепелта врз почвата, но без одговор за безбедноста на храната
Истражувањата во изминатата деценија укажуваат на присуство на тешки метали во почвите околу РЕК „Битола“ и на загадување од летечката пепел, но сè уште нема доволно понови испитувања што ќе покажат колку тоа влијае врз земјоделското земјиште и врз безбедноста на храната во Пелагонија.
Во отсуство на понови, сеопфатни истражувања, важни референци остануваат научните испитувања спроведени од 2015 до 2021 година, кои го анализираат присуството на тешки метали, радиоактивноста и влијанието на РЕК „Битола“ врз почвата и животната средина.
Едно од нив е истражувањето од 2016 година на хемичарот проф. д-р Трајче Стафилов од Институтот за хемија, почесен член на МАНУ, спроведено во соработка со „Еко-свест“. Во извештајот се анализирани 24 елементи, меѓу кои арсен, кадмиум, жива и олово, во примероци од пепел, почва и мов од околината на РЕК и Битола.
Резултатите објавени во извештајот покажале зголемени концентрации на олово и арсен во почвите околу Комбинатот, како и на арсен во мовта, што укажува на влијание од прашината што се разнесува од отворената депонија за пепел. Во мовта од Битола и од околината биле утврдени и зголемени концентрации на бакар, жива, олово и цинк, кои истражувачите ги поврзуваат со индустријата и сообраќајот.
Испитувањето покажало и дека индексот на радиоактивност на пепелта од РЕК е двојно повисок од критичната вредност. Авторите предупредиле дека пепелта од отворената депонија, поради присуството на тешки метали и зголемената радиоактивност, претставува потенцијален ризик за околното население.

Професорот Стафилов ни рече дека не му се познати понови истражувања од овој вид.
„Битола е изложена на прашина од депонијата и од оџаците на фабриката. Нема десулфуризација и денитрификација, па сулфур диоксидот и азотните оксиди се испуштаат директно во воздухот, заедно со прашината од оџаците, како и од деловите на депонијата доколку не се покриени со земја и не се пошумени“, вели Стафилов.
Тој смета дека загадувањето на почвата со тешки метали не е големо и дека тие веројатно не достигнуваат значајни концентрации во храната, но нагласува дека нема испитувања што го потврдуваат тоа.
„Немаме такви испитувања на храната. Самата прашина што се задржува на земјоделските површини може да биде опасна ако производите не се мијат добро и не се чистат“, вели Стафилов.
Во Геохемискиот атлас на Пелагонија, изработен во 2015 година врз основа на 262 примероци од почва од 131 локација, не била утврдена јасна поврзаност меѓу распределбата на испитуваните хемиски елементи и антропогеното влијание, вклучително и влијанието на РЕК „Битола“. Сепак, анализите покажале повисоки концентрации на олово во пелагониските почви во споредба со европските вредности.
Во слично истражување од 2018 година насловено „ТЕРА МЕД“, објавено во научната база на УКЛО, професорите Трајче Стафилов, Роберт Шајн, Мила Арапчевска, Иван Кунгуловски и Јасминка Алијагиќ го анализирале геохемискиот состав на површинскиот слој на почвата и влијанието на РЕК „Битола“ и на РЕК „Осломеј“.
Истражувањето наведува дека термоелектраните создаваат големи количества летечка пепел, која се депонира во нивна близина и може да придонесе за загадување на почвата и на воздухот со тешки метали и радиоактивни елементи.
Едно од поновите истражувања, објавено во 2020 година во научното списание на УКИМ, од авторите Слободан Богоевски, Бошко Бошковски и Гордана Русеска, е фокусирано на влијанието на РЕК „Битола“ врз физичките и хемиските својства на почвата. Во него се наведува дека при согорувањето на јагленот се создава летечка пепел, која се задржува со електростатски филтри. Ефикасноста на филтрите во РЕК е 99,84 проценти, па дел од пепелта се испушта во атмосферата како талог во воздухот.
Атмосферскиот талог придонесувал за промени во нејзините својства, вклучително и намалување на pH-вредноста и на порозноста, што може да влијае врз водопропустливоста и биохемиските процеси. Намалувањето на концентрациите на загадувачките материи со зголемување на длабочината укажувало на нивно поголемо присуство во површинските слоеви.

И во научното истражување објавено во 2021 година, посветено на техничката и на радиолошката карактеризација на летечката пепел од РЕК „Битола“, биле утврдени тешки метали, меѓу кои арсен, кадмиум, жива, олово, селен и цинк, кои можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето и животната средина. Според хемискиот состав, летечката пепел спаѓа во групата силициумска пепел.
Во Гнеотино сулфур диоксидот понекогаш двојно над дозволеното
Од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) признаваат дека не се вршат посебни испитувања на почвата околу РЕК, како и во близина на депонијата за пепел и згура, ниту на површините на кои се складираат или се третираат овие материјали.
„Досега не се спроведувани анализи од РЕК врз квалитетот на почвата, поради што не постојат лабораториски резултати врз чија основа би можело да се утврди присуство на загадувачки материи, евентуална контаминација или надминување на применливите гранични вредности“, соопштија од ЕСМ.
„Резултатот е помал принос и послаб квалитет на културите. Растенијата може да ги внесуваат металите во јадливите делови, а лиснатиот зеленчук и коренестите култури обично акумулираат поголеми количества. Тешките метали може да навлезат и во подземните води, а преку растенијата и животните да влезат во синџирот на исхрана и да се акумулираат во човечкиот организам. Кадмиумот, оловото, живата и арсенот се особено штетни за здравјето. Летечката прашина од согорувањето на јагленот може да навлезе длабоко во белите дробови и да предизвика различни респираторни заболувања“, Мите Ристов, претседател на Регионалното географско друштво „Геосфера“
Од РЕК „Битола“ се повикуваат на резултати од анализи на почвата спроведени „во изминатиот период од релевантни лаборатории за различни потреби“, но не ги наведуваат изворите ниту кога биле направени испитувањата. Единствено посочуваат дека измерените параметри биле под интервентните вредности утврдени со холандските стандарди за квалитет на почвата (Dutch Target and Intervention Values), кои се користат како референтни при оценувањето на нејзината состојба. Анализите опфатиле примероци од 50 локации во поширокото подрачје, но не се наведени конкретните резултати за секоја од нив.
РЕК „Битола“ засега врши само контрола на квалитетот на амбиенталниот воздух (имисија) во околината на Комбинатот преку следење на податоците од три мерни станици, лоцирани во селата Дедабелци, Рибарци и Гнеотино. Се мерат концентрациите на сулфур диоксид (SO₂) и суспендирани честички со дијаметар до 10 микрометри (PM10).

Според извештајот на РЕК за септември 2026 година, на мерните места во Дедебалци и во Рибарци нема регистрирани пречекорувања на граничните вредности. Состојбата е поинаква во Гнеотино, каде што во девет од вкупно 29 анализирани дена концентрациите на сулфур диоксид го надминале дозволениот дневен праг. Според граничната вредност наведена од Министерството за животна средина, дневната концентрација на овој загадувач не смее да надмине 125 микрограми на кубен метар. Сепак, во Гнеотино се измерени вредности до 299,94 микрограми на кубен метар — повеќе од двојно над дозволената граница.
Аерозагадувањето во извештаите на Институтот за јавно здравје останува да се посочува како серозен ризик врз оптоварувањето со болести на луѓето во земјава, вклучително и економските загуби и трошоци поврзани со предвремената смртност. Во Извештаjот за здравjе на населението во Република Северна Македониjа во 2021 година се проценува дека 3 408 животи годишно се губат во нашата држава поради изложеноста на тековниот квалитет на амбиентен воздух што претставува 17,4 % од вкупната смртност.
Сѐ уште нема закон за заштита на почвите
Додека се одложува донесувањето на Законот за заштита на почвите, институциите меѓусебно си ги префрлаат надлежностите или се прогласуваат за ненадлежни.
Од Институтот за јавно здравје одговорија дека постапуваат само во случаи кога има пријава за труење со храна. Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, соопшти дека не располага со информации од ваков вид, бидејќи станува збор за земјоделско производство и храна од примарно производство, па нè упати кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Од МЗШВ признаваат дека во моментов не вршат следење на квалитетот на земјоделското земјиште, врз чија основа би можело да се даде аргументирана оцена за евентуалното загадување на почвата во околината на РЕК „Битола“.
Според извештајот на РЕК за септември 2026 година, на мерните места во Дедебалци и во Рибарци нема регистрирани пречекорувања на граничните вредности. Состојбата е поинаква во Гнеотино, каде што во девет од вкупно 29 анализирани дена концентрациите на сулфур диоксид го надминале дозволениот дневен праг. Според граничната вредност наведена од Министерството за животна средина, дневната концентрација на овој загадувач не смее да надмине 125 микрограми на кубен метар. Сепак, во Гнеотино се измерени вредности до 299,94 микрограми на кубен метар – повеќе од двојно над дозволената граница.
Инспекторот за животна средина Дарко Блинков во телефонски разговор рече дека, според информациите со кои располага, досега не е спроведено истражување што конкретно утврдува дали РЕК ја загадува почвата на која се произведува храна.
„Во Македонија сè уште нема Закон за заштита на почвите. Па, дури и да се земат примероци и да се утврди присуството на одредени метали, без законска рамка нема јасно утврдени мерки што треба да се преземат. При последниот надзор во РЕК ‘Битола’ забележав подобрување на состојбата со пепелта. Состојбата сè уште е далеку од идеална, но има значително подобрување. Сепак, за посериозно унапредување се потребни големи вложувања“, рече Блинков.

Јадранка Иванова, експертка за животна средина, објаснува дека за разлика од водата и воздухот, за почвата сè уште нема посебен закон што систематски ќе ја уреди нејзината заштита и одржливо управување. Предлог-закон е изработен во рамките на проект поддржан од Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), во кој учествувале експерти од повеќе научни области. Документот е доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), но постапката за негово донесување сè уште не е придвижена кон јавна расправа.
На Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) уште во мај 2024 година беше објавено известување за почеток на процесот, но предлог-законот сè уште не е објавен за консултации со јавноста.
„Прашања поврзани со почвата се уредуваат и со прописите за земјоделско земјиште, шумарство, урбанистичко планирање, минерални суровини и хемикалии. Проблемот е во тоа што овие прописи регулираат различни аспекти на користењето и заштитата на почвата, но не обезбедуваат целосна и интегрирана правна рамка. Надлежностите се распределени меѓу повеќе институции, а недостасува единствена рамка што ќе ги поврзе мерките за заштита, следењето на состојбата и одржливото управување со почвата“, вели Иванова.
„Граѓаните имаат право да знаат“
На забрзување на постапката за донесување на Законот за заштита на почвите повика и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, упатувајќи јавно барање до МЖСПП. Од организацијата предупредуваат дека одложувањето на законот го продлабочува проблемот со контаминираните подрачја и ја отежнува системската заштита на почвата.

„Отсуството на сеопфатна законска рамка за заштита на почвата може да ја отежни координацијата меѓу институциите, систематското следење на загадувањето и утврдувањето на одговорноста. Потребна е јасна законска рамка со стандарди за квалитет, обврски за редовен мониторинг, јавно објавување на резултатите и мерки за санација на контаминираните локации“, вели Елена Николовска од „Еко-свест“.
„Потребни се понови и посеопфатни истражувања за да се утврди сегашната состојба и обемот на загадувањето на земјоделските површини. Тоа е особено важно за Пелагонија, каде што земјоделството е важна економска дејност. Потребни се мерења на повеќе локации, во различни сезони и при различни временски услови за да се утврдат распространетоста на загадувањето и можните ризици за земјоделското производство и безбедноста на храната“, вели Елена Николовска од „Еко-свест“.
Според неа, граѓаните на Пелагонија имаат право да знаат каква е состојбата со земјиштето на кое се произведува нивната храна.
Додека еколошките организации бараат системски мониторинг и поголема транспарентност, од ЕСМ велат дека при досегашните инспекциски надзори не се утврдени неправилности поврзани со заштитата на почвата и не се наложени мерки за нивно отстранување.
Прашањето за управувањето со пепелта од РЕК веќе беше предмет на инспекциски надзор во 2025 година, кога Државниот инспекторат за животна средина затекна пепел одложена на отворено во депонијата. На Комбинатот му беше даден рок од 30 дена да ја смести во касети и да ја покрие со земја. Основното јавно обвинителство отвори предмет за да испита дали пепелта се одлагала во согласност со еколошката дозвола и Главниот рударски проект. Од ЕСМ велат дека состојбата е санирана и дека пепелта е покриена со земја.
РЕК допрва ќе мери загадување на почвата
Според обврските од А-интегрираната еколошка дозвола, РЕК треба да врши периодичен мониторинг на почвата на секои десет години.
„Досега РЕК ‘Битола’ нема спроведувано испитувања на квалитетот на почвата во кругот на Комбинатот и неговата околина, како и на околните земјоделски површини. Во тек е постапка за јавна набавка на услуги за мерења, испитувања, анализи и други активности поврзани со обврските кон Министерството за животна средина, во која е вклучено и испитување на почвата. Постапката е во тек, документацијата е одобрена и се очекува објавување на огласот“, одговорија од ЕСМ.

Од МЗШВ, пак, посочуваат дека системското следење на состојбата на почвата е меѓу насоките што се разгледуваат при подготовката на идната рамка за стратегиско планирање во земјоделството.
Конкретните активности, според информациите од МЗШВ, опфаќаат воспоставување постојано следење на квалитетот на земјоделското земјиште, лабораториски и агрохемиски анализи и дигитална база за обединување на резултатите од испитувањата. Се предлага и развој на дигитален мониторинг во соработка со Министерството за животна средина, како и унапредување на правната и на стратегиската рамка.
„Во овој процес, со учество на научната заедница и релевантните институции, се подготвуваат предлози за вклучување на адаптацијата кон климатските промени во земјоделските политики, со посебно внимание на заштитата на почвата од деградација и зачувувањето на нејзиниот производствен потенцијал“, соопштија од МЗШВ.
И покрај научните наоди за присуство на тешки метали во околината на РЕК и предупредувањата за ризиците од летечката пепел, систематското испитување на почвата допрва треба да почне. Дотогаш, останува неодговорено клучното прашање за Пелагонија: каква е состојбата со земјиштето на кое се произведува храната што ја јаде целата држава?
* Жанета Здравковска е новинарка
** Марта Кузманоска е новинарка и активистка од Крушево
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

