Германскиот производител на оружје „Хеклер и Кох“ (Heckler & Koch) доби уште една голема нарачка од Франција за повеќе од 70.000 јуришни пушки и придружна опрема, кои ќе бидат испорачани во текот на 10 години, соопшти компанијата во петокот.
Француската армија стана значаен клиент на „Хеклер и Кох“; првиот договор со војската беше потпишан во 2016 година, а оттогаш се испорачани околу 100.000 јуришни пушки.
Од компанијата наведоа дека новата пушка е полесна и поергономска од претходната верзија. Финансиската вредност на договорот не беше обелоденета.
„Хеклер и Кох“ произведува јуришни пушки, митралези, пиштоли и фрлачи на гранати. Минатата година компанијата оствари приход од 393 милиони евра (431 милион долари), што претставува нејзин најголем промет досега.
Приходите се зголемија за 14,4% во однос на претходната година, додека добивката порасна за една четвртина, достигнувајќи 39,5 милиони евра.
Најголем клиент на компанијата се германските вооружени сили, „Бундесвер“ (Bundeswehr), кои имаат нарачано повеќе од 250.000 јуришни пушки и друго оружје.
Меѓу клиентите се и Латвија и Норвешка. Двете земји се граничат со Русија и ги зголемија вложувањата во своите вооружени сили по руската анексија на Крим во 2014 година и почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Меѓу конкурентите се италијанската „Берета“ (Beretta), американскиот производител на оружје „Колт“ (Colt) – кој е дел од чешката групација „ЦЗ“ (CZ Group) – германската компанија „Хенел“ (Haenel) и американската фирма „Сиг Зауер“ (Sig Sauer).

