Украина: Го почитуваме територијалниот интегритет на Либија

Фото: X/@ZelenskyyUa

Украинските напади врз корветата на руската воена морнарица и воен хеликоптер покрај брегот на либискиот град Бенгази претставуваат законско остварување на правото на самоодбрана според членот 51 од Повелбата на Обединетите нации, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Хеорхиј Тихи.

Тихи посочи дека Украина има целосно право да напаѓа легитимни воени цели на агресорот. Според него, во такви цели спаѓаат руските воени бродови, товарните бродови што превезуваат воена опрема и ресурси, како и танкерите од таканаречената руска флота во сенка што ги снабдуваат руските воени напори.

Изјавата следува два дена откако украински поморски дронови ја погодија корветата на руската воена морнарица „Меркуриј“ во либиското пристаниште Бенгази. Украинскиот претседател Володимир Зеленски информираше дека украинските одбранбени сили, во координација со Безбедносната служба на Украина (СБУ), во операцијата употребиле седум поморски дронови од домашно производство.

Според Зеленски, украинските сили уништиле и руски воен хеликоптер Ка-27 што се наоѓал покрај корветата, а го погодиле и рускиот товарен брод „МВ Ангара“, кој Русија го користела за транспорт на оружје.

Министерството за надворешни работи на меѓународно признатата либиска Влада на национално единство со седиште во Триполи го осуди украинскиот напад и го нарече закана за националната безбедност. Тихи ги отфрли тврдењата дека Украина со своите потези ја проширува војната.

Тој наведе дека Украина никого не вовлекува во војна и дека украинските акции се насочени исклучиво против агресорот, а не против која било трета страна. Портпаролот додаде дека меѓународното право не го ограничува правото на Украина на самоодбрана само на нејзината територија и истакна оти Киев постапува во согласност со меѓународните норми.

Во однос на инцидентите во пристаништата, Тихи порача дека прашањата треба да се упатат до Русија, која ја користи цивилната инфраструктура на други држави за воени цели и со тоа ја изложува на опасност. Според него, заканата за Либија ја создале токму руските воени бродови и руските бродови за превоз на оружје што редовно пристигнуваат таму, нагласувајќи дека Украина ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Либија и ги цени долгогодишните односи со земјата.

Либија е политички поделена од 2011 година меѓу меѓународно признатата влада со седиште во Триполи и ривалската влада на истокот на земјата. Според наводите објавени од медиумите, Киев и Триполи во 2025 година склучиле таен договор со кој се овозможува украинско воено присуство во западниот дел на Либија, вклучително и пристап до локации за лансирање дронови, додека припадниците на Африканскиот корпус под руска контрола дејствуваат на југот и истокот на земјата во соработка со силите на Халифа Хафтар.

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе имаме ли пензија од која ќе може пристојно да се живее?