Две недели по првата седница на надзорната расправа за Алта банка, Собранието повторно се соочува со недостапност на дел од поканетите сведоци од кои се очекуваат одговори за случувањата во банката.
Претседателката на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Сања Лукаревска, денеска соопшти дека ниту еден од сведоците на списокот за утрешната расправа сè уште нема потврдено присуство, а дел од нив по вторпат се на службен пат токму во терминот предвиден за нивно сослушување.
„Сите коишто се дел од списокот и коишто треба да присуствуваат утре немаат потврдено присуство, а дел од нив по вторпат се на службен пат токму на одржување на надзорната расправа. Така што утрешниот состав на сведоци ќе биде дел од институциите“, изјави Лукаревска.
На расправата се поканети и претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на Алта банка.
Лукаревска посочи дека со утрешната седница нема да биде исцрпена листата на сведоци предложени од политичките партии и најави дека процесот ќе продолжи сè додека не бидат сослушани сите.
Продолжението на надзорната расправа е закажано за утре, 25 ноември, во 11 часот.
Расправата треба да даде одговори за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка, како и за евентуалната институционална одговорност.
Повтореното отсуство на дел од поканетите сведоци го пролонгира процесот на парламентарен надзор, додека јавноста и штедачите сè уште очекуваат одговори.

