Од 28 до 30 ноември, во Скопје ќе се одржи 23-то издание на меѓународниот фестивал на ромски театар „ГАРАВДЕ МУЈА – Скриени лица“, манифестација посветена на афирмација на ромската театарска уметност, драмската креативност и зачувувањето на ромскиот културен идентитет. На фестивалот учествуваат уметници од Северна Македонија, Бугарија, Србија и Косово и Метохија.
Организатор на фестивалот е Здружението на љубители на ромската народна уметност „Романо Ило“ од Скопско, на чело со Бранко Петровски. Во текот на своето повеќе од две децении постоење, фестивалот стана место за средби на актери, режисери, драматурзи и истражувачи на ромската култура, давајќи можност ромската креативност да биде претставена пред поширока меѓународна публика.
Програмата започнува вечерва, на 28 ноември во Европската куќа во Скопје, со презентација на видео продукцијата „Ме повикаа“ од Бугарија. Потоа е закажано академско предавање од професорот Хусеин Кучуков од Универзитетот во Катовице, посветено на историјата и развојот на ромскиот театар во Бугарија.
Исто така вечерва, на Факултетот за драмски уметности ќе биде изведена претставата „Ре Родипе“ од Србија, по што ќе следат монолози, драмски текстови и јавни читања. Меѓу авторите чии дела ќе бидат претставени е и Џемал – Џими Бајрам, чиј драмски текст „Пенџаб – легендата за петте сестрински реки“, создаден во соработка со Гражина Бутачински, ќе биде претставен преку драмско читање.
На вториот ден од фестивалот, 29 ноември, публиката ќе има можност да ја погледне претставата „Цената на фотелјата“, во авторство и режија на магистерот Даниел Петровски.
Финалето на фестивалот е закажано за 30 ноември во Младинскиот културен центар во Скопјe. На програмата е монодрамата „Јас одев по патот сама“, авторка и режисерка Санела Емин, како и проекција на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума. Филмот отвора прашања за родовите стереотипи и правата на девојчињата на слободен избор и еднакво учество во општеството.
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Дваесет и три изданија на фестивалот го потврдуваат континуитетот на напорите да му се даде на ромскиот театар повидливо место во современиот културен живот. Неговото значење не е само во зачувувањето на јазикот и традицијата, туку и во отворањето простор за нови автори, уметнички изрази и теми кои зборуваат за положбата на Ромите, нивниот идентитет и искуства.
Преку театарската уметност, ромските приказни ги надминуваат границите на заедницата на која припаѓаат и стануваат дел од поширок културен дијалог. Токму ова е важноста на фестивалот „ГАРАВДЕ МУЈА – Скриени лица“, кој продолжува да ги поврзува ромските уметници и публиката од различно потекло и по 23 изданија.

