По вчерашната средба на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари со премиерот Димитар Ковачевски, денес најтесното раководство на владејачката Алтернатива на средба во Гостивар ќе одлучува какви чекори ќе преземат во однос на евентуалниот влез на Алијансата за Албанците (АА) во Владата, пренесе МИА.
Таравари вчера изјави дека влегувањето на Алијансата за Албанците во Владата не е дефинитивно, но шансите за тоа се огромни. Тој потенцира дека околу 90 проценти од програмските определби се синхронизирани, но дека за кадровските решенија воопшто не разговарале.
За кадровските решенија, како што посочи, ќе разговараат во текот на следниве денови, додавајќи дека еден од ресорите за кои партијата има „најдобри кадри“ е Министерството за здравство, со кое во моментов раководи Бесим Сали од Алтернатива.
Премиерот Димитар Ковачевски исто така, вчера напомена дека во најголем процент се усогласиле со Алијанса за Албанците, нагласувајќи дека во делот на сите други аспекти од можна соработка, разговорите ќе продолжат.
Извршниот одбор на СДСМ синоќа на седница избра работна група задолжена за понатамошни разговори со Алијанса та за Албанците, во која покрај партискиот лидер и премиер Ковачевски, членуваат и генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, членот на Централниот одбор Љупчо Николовски, како и координаторот на Пратеничката група во Собранието, Јован Митревски.