Скопје го владее коалиција составена од Левица, ДУИ, ГРОМ и Зелен Хуман Град, а предводена од Данела Арсовска и нејзиното крило во ВМРО-ДПМНЕ… За две години во Скопје не е купено ниту едно ново комунално возило, не е поставен нов контејнер или канта, не е набавен ниту еден нов автобус, или воведена нова услуга од градските сервиси.
Интервју со Никола Наумоски, граѓански активист и поранешен шеф на кабинетот на претходниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов.
СМК: Кој е, според вас, најодговорен за оваа „еколошка катастрофа која го загрозува здравјето и животот на граѓаните“ (Оливер Спасовски), и дали и кому треба да се поднесат кривични пријави во врска со ѓубрето кое го преплави градот?
Никола Наумоски: Директорката на КХС и Градоначалничката се ултимативно одговорни за хаосот, бидејќи и самите го предизвикаа. Скопје немаше проблем со подигање на контејнерите додека тие не ги зазедоа челните позиции. Штрајк меѓу комуналците јас не се сеќавам некогаш да имало, или тоа било толку одамна што се заборавило.
Сега овие две госпоѓи ни тврдат дека имало непостоечки собирачи на ѓубре, кои земале плата и живееле во Германија, неправда што тие морале да ја исправат дури и по цена на оваа катастрофа што ни се случува.
Оваа лага ја имавме слушнато и кога ги бркаа приватните превозници од јавниот превоз, или кога го менуваа раководството на Водовод, МКЦ и други институции… Постојани наводи за криминал, никогаш недокажани во ниту еден од случаите се својствени за лажговци популисти на кои не им е гајле дали ќе бидат фатени во лага бидејќи зборот ништо не им значи.
СМК: Има ли лек за дивите депонии во Скопје, кои се множат како печурки после дожд, наспроти ветувањето на Арсовска дека брзо ќе ги отстрани штом ќе дојде на власт?
Никола Наумоски: Лекот постои, а за него треба време и општ консензус за неговата потреба. Во Скопје постојат неколку диви депонии (Лепенец, Визбегово, Вардариште) кои се делумно санирани и обезбедени, а другото се „сметишта“ кои се појавуваат и чистат повремено и тие ги има на стотици. Треба да се работи на спречување на проблемот и да се погледне зошто воопшто тие се појавуваат. А, се појавуваат заради несоодветните комунални услуги на градот и општините, покрај несовесноста на граѓаните.
Град Скопје нема сервис за преземање на градежен шут, па луѓето се приморани да го депонираат каде ќе најдат, или да им ја остават таа одговорност на мајсторите, па по правило шутот се наоѓа покрај улиците и на празните површини. Скопје нема сервис за кабаст отпад, па луѓето често оставаат фотелји покрај контејнерите или ги фрлаат крај некое веќе формирано сметиште.
Арсовска одби да ја потпише донацијата на грантот што го обезбедивме за набавка на дробилка за градежен шут во Дрисла и со тоа тој проект пропадна, а градежниот шут што секојдневно се создава постојано создава нови сметишта низ градот. Мазнева – Николиќ и Арсовска ја суспендираа и кампањата за кабаст отпад, па сега и никој речиси не се јавува на телефонот за оваа услуга на комунална хигиена.
За да се добие уреден град, потребно е на овој проблем долгорочно да се работи со истите цели кои ги има во секоја стратегија и програма на градот. Потребно е да се воведуваат нови услуги за рециклирање на различни видови отпад, да се едуцира населението, но и да се казнува редовно. А ништо од тоа не го прават денес, па дури и го уништуваат она што е претходно поставено како систем пред нив.
СМК: Дали сметате дека Град Скопје има капацитет да се справува со проблеми во врска со животна средина? Ете, Арсовска се пофали дека има формирано експертски Градски еко совет, кој „има за цел да ја подобри заштитата на животната средина во градот“. Што мислите, зошто за еколошката катастрофа во Скопје молчат од ЗХГ, зошто молчи и нивниот член кој е потпретседател на Градскиот еко совет?
Никола Наумоски: Град Скопје е најголема единица на локалната самоуправа кај нас и, ако некој има капацитет за тоа, тоа е Град Скопје. Проблемот е што се нема волја и знаење кај менаџерката на градот за никакви градски политики.
Од друга страна, има очигледен талент за лажење и манипулирање на што некои зелени активисти се подложни. Па така, ЗХГ се изманипулирани дека се некакви чинители во градските политики, за неколку плати на директори, советници и членови на управни одбори и целото внимание им е насочено кон уличните животни (каде патем немаат никакви забележителни успеси), целосно запоставувајќи ги другите зелени прашања.
Градскиот еко-совет беше параван за неработење кога беше формиран, а сега е и олицетворение на тоа. Не е пишан ниту еден документ за неговата работа, медиумски извештај, никој не знае дали тој совет предводен од ЗХГ воопшто работи и дали се состанува.
СМК: По секојдневните препукувања на политичките партии, скопјани се збунети – кој е на власт во Скопје – и кој е всушност најодговорен за решавањето на најголемите проблеми на Скопјани – покрај ѓубрето и загадувањето, да не ги заборавиме и проблемите со јавниот превоз, „бетонизацијата“, итн. Зошто проблемите на Скопјани не се решаваат, туку се зголемуваат?
Никола Наумоски: Скопје го владее коалиција составена од Левица, ДУИ, ГРОМ и Зелен Хуман Град, а предводена од Данела Арсовска и нејзиното крило во ВМРО-ДПМНЕ. За тоа не треба да има дилеми, иако некои од овие групи во јавноста не се претставуваат како коалиционери на Арсовска.
Директорските места и управните одбори во јавните претпријатија, културните и образовните институции се сочинети од членови на овие партии, тоа се советниците кои ги гласаат главните одлуки во Советот на градот и кои ги водат разните тела за нови проекти и политики. Тие колективно, а најмногу Арсовска, ја сносат одговорноста за овие прашања.
За две години во Скопје не е купено ниту едно ново комунално возило, не е поставен нов контејнер или канта, не е набавен ниту еден нов автобус, или воведена нова услуга од градските сервиси. Наспроти тоа, пола година немавме автобуси на улиците, затоа што Арсовска бркаше некакви криминалци меѓу шоферите.
Сега немаме собирање на ѓубре, зашто Арсовска гони некакви криминалци меѓу собирачите. Во меѓувреме, не се работи на пречистителната, Универзална Сала, мостовите во Аеродром и Карпош, БРТ… Градот е во целосен хаос и одговорните се Арсовска и коалицијата.
Преземено од СМК