Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мала енциклопедија на конзервирано лудило

НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Знаете што? Идејата дека Мицкоски ќе победи на следните избори и направи влада во која тој ќе биде премиер, па така ќе ја исправи земјата од „катастрофалните политики на Заев, а денес и на Ковачевски“, идеја во која ќе доминираат проруски и антиевропски елементи, Македонија во ЕУ и бетонирана во НАТО, толку многу е бизарна и пореметена, така што невозможно е да и’ приjидете од некоја рационална позиција.

За оваа идеја единствено што можете да направите е урнебесно да се насмеете.

Додека вчера ги читав изјавите на политичарите, а некои и ги запишував, десницата може комотно да аплицира на конкурс за кратка проза која уште може да ја наречеме и „Мала енциклопедија на лудилото“.

Kога го слушам Мицкоски и неговото „умно збори“, ми се присторува како да слушам современа уметност. А таа пустата изгледа како флека на ѕидот; како гулаб да ви се посрал на шофершајбна. Потоа се појавува некој историчар на уметноста, или така некој сличен балонџија, па „умно ни збори“ зошто неговите изјави за медиумите се вредни за слушање: ги објаснуваат и реинтерпретираат неговите зборови – зошто на една флека на ѕидот треба да и’ се воодушевуваме.

Со тоа, не е одредено само нејзиното значење, туку одредена е и нејзината цена, па може слободно да пристапиме на аукциска продажба – како што работи современата уметност, така работи и неговата „народна волја“. Што значи тоа? Вистински демократ, на вистинска народна волја, работи после изборите, а не пред изборите. Неслободните избори ја потврдуваат волјата на господарот, додека оние слободните, господарот ги тумачи после изборите. И на тоа работи.

Да објасниме пластично: Мицкоски дува, лаже и (пара)политичари: секаде ветува се’ – милиони и камиони. Така ја „бустира“ својата партиска волја. Таа волја ќе биде лично негова волја, а не на „целиот народ“. Тоа значи дека волјата на господарот ќе биде арбитрарна и диктаторска, бидејќи тука нема никакви граѓани кои се екипираат и работат на слободна волја, тука исклучиво имате клиентела, партиски фиќфириќи и француски собарици. Тоа, да ми простите, нема никаква врска со „народната волја“.

Покрај тоа што совршено досадно беседи, „Нема Уставни измени под Бугарски диктат“, не го спречува во Битола да се расфрла со имагинарни 40 милиони евра. Зошто имагинарни? Затоа што прво ги нема, второ работи како на берза – предвидува мајчиниот кога ќе дојде, капом-и-шаком, ќе се расфрла со милиони евра во Битола. „Бидете за мене, јас ќе ви давам пари“, вели Мицкоски најбезобразно, без скрупули и чувство за добар вкус. А, што правиме ако не биде премиер, што правиме ако неговите зборови во Битола се претворат во обична флека на ѕидот, онака како што работи современата уметност на аукциска продажба?

Мицкоски мисли дека сите граѓани во оваа земја се на берза: секој има своја цена, па оттука мисли дека се’ е на продажба. Така Груевски ги научи. Нема човек што не може за пари да се преобрати, така ги форматира најголемиот „вмроовски господар“. Идентитетот, јазикот, историјата, Европа, човековите права, малцинските права, тоа за Мицкоски е фолклор за масите, коски за глодање, вистинската игра, така ги научи Груевски, лежи во парите.

Но, не треба да го заборавиме и овој детаљ: медиокритетите кои својата апатичност ја компензираат со омраза кон политиката In general. Во меани зборуваат за „дојч“ автомобили, машко-женски односи, шминки и козметики, и се гордеат со својата политичка неписменост. Ваквите личности (или поточно ликови) не сфаќаат дека трошоците на животот, цената на гравот, брашното, киријата, облеката, лековите, зависат од политичките одлуки. Политички неписмената личност е толку глупава и горделива и се удира во гради зборувајќи како ја мрази политиката. Тој кретен не знае дека поради неговата игноранција се раѓа проституција, напуштени деца, и најлошо од се’: лоши политичари (а најлошите политичари се десни политичари!), корумпирани, одвратни и поткупени од „локалните“ олигарси.

Сите игноранти за викенди се опиваат со „треп“ и фолк, политика не ги интересира. Секој има своја „таблета“. Доуп, поп, дијазепам или пиво. You can name your poison, зачинет со коктел од заедничкиот банкрот.

Извор: Frontline

Зачлени се на нашиот е-билтен