Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Вечер на ЕУ на „Охридско лето“ со кларинетистот Пабло Бараган и пијанистката Елоиз Бела Кон

Музичката програма на годинешното 63-то фестивалско издание на „Охридско лето“ продолжува со концертот на кларинетистот Пабло Бараган и пијанистката Елоиз Бела Кон, во рамки на вечерта на ЕУ.

За кларинетистот Пабло Бараган роден во Андалузија, со живеалиште во Берлин, е вели дека секогаш огромно значење придавал на интеракцијата помеѓу музичарите за време на заедничкото музицирање, сметајќи дека токму таа симбиоза помеѓу нив е идеалот при интерпретацијата на музичките дела. Од таа појдовна точка тој ги креира своите соло настапи со оркестар кои помеѓу другите ги вклучуваат Симфониските оркестри во Базел и Хамбург, Симфонискиот оркестар на Шпанската РТВ, Словачката филхармонија, но така ги гради и соработките во светот на камерната музика кои ги реализира на фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“, Интернационалниот фестивал „Моливос“ или фестивалот на Марта Аргерич на кои меѓу другото настапува со пијанистите Данае Доркен, Софи Пачини, виолинистката Ноа Вилдшут, виолончелистот Киан Солтани и квартетот „Шуман“.

Во сезоната 2022/23 Бараган настапува со Словачката филхармонија, со камерниот оркестар „Франц Лист“, со филхармонијата на Баден Баден, „Брукнер“ оркестарот во Линц и Камерниот оркестар во Келн, додека пак од неговите камерни настапи сезонава се издвојуваат пет концерти на Фестивалот „Мекленбург – Форпомерн“ каде ќе настапува со селекторката на програмата Ноа Вилдшут, како и со други истакнати камерни музичари како Тимоти Ридаут, Џулија Хаген, Стивен Вартс и Тобиас Фелдман. Од особено значење годинава е неговото деби во лондонскиот „Вигмор Хол“ каде ќе го изведе Квинтетот за кларинет од Ј. Брамс заедно со квартетот „Шуман“. Следат настапи и со квартетите „Модиљани“, со триото „Ситковетски“ и со квартетот „Кремона“.

Настапите го водат Пабло Бараган низ Европа и Јужна Америка каде настапува на фестивалот во Картагена (Колумбија), но и во Сао Паоло, Лима и Буенос Аирес каде настапува под закрила на Интернационалниот фестивал од Ерусалим.

Пабло Бараган студира на конзерваториумот во Севилја во класата на Антонио Салгуеро, а се усовршува кај Матиас Гландер на академијата „Баренбоим-Саид“ во Севилја. Се стекнува со непроценливо искуство свирејќи во оркестарот „Запад-Исток“ основан од Даниел Баренбоим. Во 2011 година е добитник на наградите на Музичката младина на Шпанија како и Европската награда за млади музичари. Во 2012 година е лауреат на АРД натпреварот во Минхен, во 2013 ја добива наградата на Кредит Свис за млади солисти и настапува на фестивалот во Луцерн. Од 2020 година Бараган е предавач на академијата „Баренбоим-Саид“ во Севилја и одржува мајсторски курсеви на Фестивалот во Трентино.

Пабло Бараган е ексклузивец на компанијата за изработка на кларинети „Бакун“ и свири на модел кларинет „Бакун Лумиер“.

Пијанистката Елоиз Бела Кон е редовно застапена на некои од најзначајните фестивали и концертни подиуми во Франција како театарот „Шанзелизе“, салата „Гаво“, аудиториумот на музејот „Орсај“, салата на француското радио, фестивалот „Рок Антерон“, фестивалите во Лил, Тулуз, Руен, како и на интернационалниот фестивал во Акс ен Прованс.

Родена во Париз во 1991 година, Елоиз Бела Кон го започнува музичкото образование на четири годишна возраст во школата „Јамаха“, а продолжува да студира на Парискиот конзерваториум со Мишел Бероф, Ерик ле Саж, Давид Фре и Пјер-Лорен Аимар. Се усовршува на Универзитетите во Фрајбург и Виена со Лилја Зилберштајн. За време на студиите посетува мајсторски класови кај Алдо Чиколини, Дмитри Башкиров, Томас Адес, Роберт Левин, Кристијан Закаријас и Андраш Шиф.

Во 2016 година Бела Кон се закити со наградата Млад уметник на годината од списанието „Дијапазон“, а од 2018 година е и официјален уметник под закрила на брендот „Јамаха“ а овие две признанија како и длабочината на нејзината музикалност ѝ помагаат нејзината кариера да се придвижи во нагорна линија. Заедно со виолинистот Кристоф Конц го основа фестивалот „Европски денови на музиката“ во Хајделберг, а како солист и камерен музичар настапува на престижните концертни подиуми како што се: филхармонијата во Берлин, виенскиот „Концертхаус“ и „Музикферајн“, „Концертгебау“ во Амстердам, „Моцартеум“ во Салцбург… Сцената ја дели со признати оркестри и диригенти, а нејзини партнери во камерната музика се: Даниел Отензамер, Ноа Бендикс -Балгли, Силвија Кареду, Софи и Феликс Дерво, солистите на Виенската и Берлинската филхармонија како и Нобуко Имаи, Арабела Штајнбахер, Рено Капусон, Емануел Тјекнаворијан, Ајлен Притчин, Филип Беро, Мишел Портал и Ерик Ле Саж.

За нејзините три албуми добитничка е на наградите „Шок класика“ и „Златен дијапазон“ и награда на музичките критичари на Франција.

Вечерашниот концерт ќе се одржи во прекрасната акустика на катедралната црква „Света Софија“, со почеток од 21 часот. На програмата се дела на Месажер, Албеник, Пуланк, Де Фаља, Вебер.

Зачлени се на нашиот е-билтен