Неколку дена откако македонските власти го протераа рускиот свештеник Васијан, и официјална Софија одлучи да го протера од Бугарија ова високо свештено лице на Руската православна црква, поради тоа што е закана за националната безбедност, пренесува mediapool.bg.
Бугарските власти го протераа архимандритот Васијан Змеев поради тоа што бил руски шпион, а информацијата прва ја објави руската државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на цитат од Руската амбасада во Софија.
Државната агенција за национална безбедност на Бугарија ги потврди ваквите информации, додавајќи дека заедно со архимандритот Васијан биле протерани и двајца белоруски граѓани. Бугарските власти информираа дека трите лица биле закана за националната безбедност на земјата.
Информациите на медиумите говорат дека тројцата треба уште денеска да ја напуштат Бугарија, по што тие биле отпратени до бугарско-српската граница со полициска придружба.
„Добиени се податоци за дејствијата на наведените лица, поврзани со спроведување на различни елементи од хибридната стратегија на Руската Федерација за намерно влијание врз општествено-политичките процеси во Република Бугарија во полза на руските геополитички интереси“, се вели во соопштението на бугарската агенција за национална безбедност.
Покрај протерување, на рускиот архимандрит Васијан му е изречена и мерката за одземање на правото на престој во Бугарија и му е забранет влез во Бугарија во времетраење од пет години.
Инаку, протерувањето од бугарските власти на архимандритот Васијан доаѓа само неколку дена откако македонските власти го протераа овој претставник на Руската православна црква, заедно со уште тројца дипломати од Руската амбасада во Скопје.
Како што пишуваше Религија.мк, претставникот на Московската патријаршија во изминатава година имал интензивни посети на Македонија и зачестени средби високи претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Архимандритот Васијан ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со особено влијание во Бугарија и во Северна Македонија.
Преземено од МЕТА